Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, би можела наскоро да се повлече од домашната политичка сцена и да се пресели во САД каде што ќе ѝ биде доверена амбасадорска функција. Ваква информација пласираше порталот на албански јазик „Ин7“, повикувајќи се на високи извори во СДСМ.
Во објавениот текст е наведено дека лидерот на владејачката партија Зоран Заев веќе сериозно почнал да размислува позициите што ќе ги напушти Шекеринска да му ги предаде на генералниот секретар Љупчо Николовски.
Од владејачката СДСМ, пак, остро ги демантираат ваквите пишувања и ја обвинија опозицијата дека таа стои зад сите тие невистини што се пласирани во јавноста.
– Тоа е шпекулација, не е точно. Заменик-претседателката Радмила Шекеринска со својата политичка улога, но и како министерка за одбрана, дава значаен придонес во развојот на земјата, реализирање на партиската програма, а особено во исполнувањето на стратешките интереси како што е членството на земјава во НАТО. Очигледно политичките опоненти се плашат од нејзиниот ангажман, соочени со изборниот пораз на 12 април, па затоа пласираат невистини – велат од Центарот за комуникации на СДСМ за Плусинфо.
Со оглед на тоа што и шефот на државата има надлежност во предлагањето и во назначувањето македонски амбасадори во странство, став околу евентуалната преселба на Шекеринска во САД побаравме и од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, но оттаму не добивме никаков одговор.
Оваа тема прв ја отвори пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој на седницата кога се гласаше преодната влада истакна дека еден од членовите на Владата се подготвува да преземе важни задачи во странство по изборите на 12 април.