Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Министерството се сретна со Метју Палмер, заменик помошник на државниот секретар на САД и специјален претставник за Западниот Балкан, кој е во посета на нашата држава.
На средбата стана збор за НАТО перспективата на државата која со ратификацијата во Сенатот на САД и уште 25 земји членки на НАТО е сосема јасна – С. Македонија наскоро ќе биде потврдена како 30.земја членка на НАТО. Високиот гостин од американскиот Стејт Департмент ја реафирмираше поддршката на САД за нашата земја и за европските перспективи на државата.
– Ратификацијата во сенатот на САД и посетата на американскиот државен секретар Помпео се силен доказ за стратешкото партнерство и поддршката од САД за Северна Македонија. Недонесувањето на одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори не ја менува нашата одлука – да работиме на остварувањето на нашите стратешки цели – членството во Европската Унија и НАТО – рече министерката Шекеринска.
Министерката Шекеринска и заменикот помошник државен секретар на САД, Палмер заклучија дека соработката во одбраната меѓу двете земји е на највисоко ниво и дека со членството на Северна Македонија во НАТО таа соработка ќе се зајакнува.