Состојбата на јужната граница е стабилна, а припадниците на АРМ ги извршуват своите задачи овозможувајќи им на граѓаните во овие празнични денови да бидат мирни и спокојни и да не ставуваат од опасност по безбедноста и стабилноста на државата. Ова го порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска при посетата на армиските припадници распоредени на јужната граница на Македонија кон Грција.
– Денеска сме во посета на армиските припадници што се распоредени на нашата јужната граница со Грција. Ме информираа околу состојбите на границата која е стабилна, меѓутоа постојаното присуство на АРМ со поддршка на операциите на МВР покажува дека е ова проблем кој Македонија не смее да го занемари. Само во оваа година припадниците на АРМ успеаја да спречат повеќе од 500 нелегални преминувања на границата, а во петходната година кога притисокот врз границата беше и поголем таа бројка беше неколкукратно поголема – изјави Шекеринска.
Се заблагодари на припадниците на АРМ кои во овие празнични денови ги извршуваат своите задачи и овозможуват на сите граѓани да спијат мирно и да не стравуваат од оваа опасност по безбедноста и стабилноста на државата.
За време на посетата таа додаде дека е дискутирано за тоа кој систем да се подобри, на кој начин да се зголеми соработката помеѓу различните институции и на кој начин да се подобри опремата со која располага АРМ.
– Владата покажа дека ваквиот несебичен и сериозен однос на припадниците на АРМ знае да го награди. Минатата година платите на припадниците на АРМ беа зголемени 10 проценти, а годинава ќе бидат зголемени за дополнителни пет проценти, што значи дека првпат имаме две години по ред зголемување на платите. На крајот на минатата година завршивме два многу важни процеса – обезбедување чизми и униформи за припадниците на АРМ, но нашата цел е поставена многу повисока. Дискутираме за вистинска опрема и за модерни начини не само за чување на границата, туку на работење на Армијата и на тој начин ќе и овозможме на АРМ да биде подобра, на тој начин ќе се оддолжиме на нивната служба и на нивниот несебична работа за обезбедување на својата државата – изјави министерката за одбрана.
Припадниците на АРМ се распоредени на нашата јужна граница од летото 2015 година, како мерка за зајакнато обезбедување на границата од нелегалниот мигрантски бран, а во помош и поддршка на Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција.