Шекеринска од Прилеп: Бранителите кои загинаа кај Карпалак се наши херои

128

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска на споменикот Карпалак во Прилеп положи венец со свежо цвеќе во спомен на десетмината бранители, припадници на Армијата кои во 2001 година го загубија својот живот кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово.

Во обраќањето пред семејствата на загинатите и многубројните делегации кои оддадоа почит на загинатите бранители, министерката Шекеринска изрази почит за Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце, за нивната храброст и пожртвуваност и ги нарече херои на нашата земја.

– Нивните дела, начинот на кој дадоа сè, вклучително и нивниот живот треба да ни бидат пример за тоа како се сака и се почитува и брани татковината. Ќе ја цениме и нивната храброст, ја цениме и нивната пожртвуваност. Овие десет бранители платија највисока цена во еден од најтешките мигови кога нашата држава се најде на крстопат и стоеше помеѓу војната и мирот. Тогаш се соочивме со вистинска трагедија која однесе премногу животи, зави многу семејства во црно, нанесе болка на многу наши граѓани и која не’ научи дека мирот, стабилноста и безбедноста немаат цена – рече министерката.

Шекеринска порача дека нашата држава се менува, но дека сеќавањата остануваат. Денес, додаде министерката, дојдовме во фаза во која велиме НАТО и ЕУ ни требаат и за да ни обезбедат поголема безбедност, поголема стабилност. И ние со нашите домашни однесувања и политики тоа треба да го гарантираме на своите граѓани, заклучи таа.

Во Прилеп, министерката Шекеринска ја посети и касарната „Мирче Ацев“, каде се сретна со припадниците на Армијата со кои разговараше за условите во кои тие ги извршуваат своите должности.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...