Шекеринска: Никој веќе не е над законот

415
Како Влада кажавме и го покажавме на дело дека никој веќе не е над законот, дека законите важат за сите и дека секој мора да ги почитува институциите и законите. Клучната работа е да пуштиме институциите да си го завршат своето, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Жалам што после тој наш чекор со кој покажавме дека работите во државaта се промениле сѐ уште има еден дел кој не се променил, а тоа е опозицијата. Вчерашниот неуспех на преговорите, кој ќе овозможеше многу случаи да стигнат до правна разрешница, мислам дека покажува оти некои луѓе и структури кои организирале криминални структури никогаш нема да се предадат – рече Шекеринска во одговор на прашање на денешната прес-конференција со романскиот министер за одбрана Габриел-Бениамин Леш.

Таа нагласи дека граѓаните, како и Владата очекувале и очекуваат нов закон за јавно обвинителство, но додаде дека е очигледно оти првите луѓе на опозицијата сѐ уште очекуваат амнестија и неказнивост.

– Ако граѓаните очекуваат нов закон, очигледно е дека луѓето во опозицијата бараат само стари послушници. Потегот на Владата со кој покажавме дека бараме институциите да ги гонат сите – власт, опозиција, граѓани, кого било, а за тоа не добивме поддршка од опозицијата, дава одговор на прашањето колку правната држава во Македонија мора да направи сѐ, за никогаш да не се вратиме назад – посочи Шекеринска.

За случајот „Рекет“ рече дека е типичен обид да не го гледаме криминалот и да се занимаваме со тоа што оние кои го прават криминалот сакаат да ѝ го сервираат на јавноста.

– Ова, како што спомна еден амбасадор не е реално шоу. Ова е реален проблем на државата, а реален проблем е кога криминални структури се трудат да викнат „Држте го крадецот“. Тоа не им појде од рака. И покрај сите обиди Обвинителството покажа дека во државава може да функционира правдата, а ние покажавме дека тоа политички ќе го штитиме. Тоа е светлосни години подалеку од ситуацијата што ја имавме пред само три години кога немаше никави средби, никаква одговорност и никаква акција од Обвинителството. На некои ќе им биде тешко да ја прифатат таа промена, но без неа оваа држава нема да мрдне од мртва точка и од калта во која на донесоа – истакна Шекеринска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...