Ние кажавме дека од прв до последен не сме заштитени, покажавме дека никого не штитиме, туку дека дозволивме, дозволуваме и овозможуваме сите институции да спроведат целосна истрага никого да не го спасуваат и никого да не го штитат. Законот важи за секој од нас. Даваме поддршка и очекуваме и обвинителството и другите институции да си ја завршат работата. Никој од нас нема да очекува ниту пак ќе добие политичка заштита, изјави Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со командантот на НГ на Вермонт, полковник Грегори Најт.
Во однос на барањето на претседателот Стево Пендаровски за политичка одговорност, Шекеринска вели дека Владата не е единствена што има политичка одговорност и дека секој кој бил вмешан и овозможил да дојде до ваков криминал ќе сноси одговорност.
Граѓаните, според неа, очекуваат не само политичка, туку и кривична одговорност.
Шекеринска ѝ порача на опозицијата дека „секој кој сака да помогне во барањето одговорност за кршење на законот, тоа треба да го покаже на најлесен и највидлив начин со поддршка на законот за јавно обвинителство”. Според неа, преговорите со опозицијата за законот се одвиваат веќе предолго време по клучното прашање и за власта и за граѓаните, но и за почеток на преговорите со ЕУ, а тоа е законот за СЈО.
– Новото обвинителство ќе се занимава со поранешни, но и со актуелни нови случаи. Покажавме дека со ова не правиме компромис. Очекуваме, бараме и повикуваме опозицијата која секој ден по пет пати спомнува правна држава и бара одговорност да покаже дека и таа ја носи одговорноста со поддршка на законот – изјави Шекеринска.
Министерката беше прашана и дали била на гости кај Боки 13-ка, како што тој се пофали во разговорот со Орце Камчев на снимката што ја обелодени италијанскиот весник „Ла верита“.
– Сакам да дозволам истрагата сѐ да покаже. Многу лаги беа кажани. Ако дозволиме на секоја од тие лаги да реагираме, криминалците ќе се скријат а ние ќе се занимаваме со оговарање. Ја поддржуваме истрагата и на никој начин и во ниту еден момент не сме се довеле во ситуација да поддржуваме криминал и корупција – одговори Шекеринска.