Апсолутно неточно. Нема да се користат бомби со осиромашен ураниум ниту ќе се вршат вежби кои на било каков начин го загрозуваат здравјето на граѓаните. Ве молам споделете.
Ова го напиша денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на својот профил на Твитер, откако на социјалните мрежи се појавија сомнежи дека на Криволак ќе се користат бомби со осиромашен ураниум и дека тоа лошо ќе влијае врз здравјето на луѓето.
„Ноторните лаги никому не се од корист. Граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести во пресрет на претстојниот референдум и официјализирањето на членството во НАТО“, напиша таа на Фејсбук.
Министерството за одбрана најостро ги демантира шпекулациите кои се споделуваат на социјалните мрежи дека на полигонот Криволак ќе се одвива гаѓање со бомби кои содржат осиромашен ураниум. Министерството за одбрана најодговорно тврди дека ниту сегашните, а ниту идните обуки и тренинзи на нашите партнери од НАТО на полигонот Криволак не се од било каква опасност по здравјето на граѓаните, ниту ќе се користат бомби со осиромашен ураниум.
Ваквите лаги имаат за цел да ја поттикнат недовербата на граѓаните во НАТО и се во функција на негативна кампања за претстојниот референдум. Граѓаните да бидат спокојни, членството на Македонија во НАТО носи единствено поголема безбедност и сигурност за нашата земја, се наведува во реакцијата од МО.