Шекеринска: Младите се најгласни за членство во ЕУ и НАТО

156

Немам дилеми дека најгласните луѓе во Македонија за членство во ЕУ и НАТО се младите. Тие се свесни дека нивниот живот и животот на нивните семејства најбрзо можеме да го промениме преку членство во НАТО и Европската Унија, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска пред почетокот на панел-дискусијата „Младите за ЕУ, ЕУ за младите – перспективии можности“ што се одржа попладнево во скопскиот Градски парк.

Според Шекеринска, поканата за членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ се политиките што на младите им ги отвораат најшироко вратите.

– Кога ќе ги погледнете политиките на ЕУ ќе видите што е она што македонските млади го испуштаат, а сега им е на располагање на сите млади низ земјите – членки на ЕУ. Еден од тие примери е програмата Еразмус + која им овозможи на огромен број млади шанса да студираат бесплатно на различни универзитетити низ Европа, да стекнат обука и знаења. Овие програми полека се отвораат и кон младите во Македонија. Привилегијата што ја имаат земјите – членки на ЕУ сакаме да ја понудиме и на младите во Македонија, да имаат шанса за бесплатно студирање секаде низ ЕУ и да добијат шанса на целосно бесплатно здравствено осигурување – подвлече Шекеринска.

Таа потсети дека годинава, и без да бидеме земја-членка на ЕУ, почнавме со воведување на некои од европските придобивки, како што е Европската гаранција за млади.

– Македонија е првата земја надвор од ЕУ што ја понуди оваа шанса и веќе првите резултати во трите пилот општини – младите да добијат работно место, да волонтираат или да се обучат, се одлични. Но, едно е кога сте надвор од Унијата, а друго кога сте внатре и можете да ги искористите парите не само од вашиот буџет, туку и од буџетот на ЕУ – порача министерката.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски укажа на перспективите што стојат пред младите во земјава.

– Сите заеднички ќе бидеме исправени и ќе чекориме напред кон нови можности, нови работни места, поквалитетно образование – истакна Каевски.

Нина Ангеловска од „Групер“ пред присутните ги предочи своите, како што рече „пет П“ за патот кон успехот: пасија, потенцијал, постојано учење, проактивност и промени.

Панел-дискусијата беше организира по повод 12 Август – Меѓународниот ден на младите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...