На примерот на Хрватска гледавме колку членството во НАТО, влијаеше позитивно не само на стабилноста, туку и на сите политички процеси и колку тоа даде поддршка и на процесот на пристапување кон ЕУ, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на средбата со заменик- премиерот и министер за одбрана на Хрватска, Дамир Крстичевиќ.
– Република Македонија успеа за година и половина да го надомести изгубеното време и шанса. Но, за овие година и половина нашите амбиции исто така пораснаа. Како што баравме поддршка за членство во НАТО, денеска и во иднина ќе бараме поддршка за почеток на преговори со ЕУ и членство во Унијата – рече Шекеринска и изрази благодарност за постојаната и многу јасно изразена хрватска поддршка.
– Колега Дамире, се гледаме наскоро во НАТО – му порача министерката на хрватскиот министер за одбрана.
Шекеринска истакна дека и претставува задоволство што следната средба со хрватскиот колега Крстичевиќ ќе биде во Брисел, каде за прв пат ќе учествува како министерка за одбрана на официјална средба на министрите за одбрана на Алијансата.
Министерката се заблагодари и за поддршката која хрватската Амбасада во Македонија како НАТО – контакт амбасада во 2017 и 2018 година и ја даваше на Македонија и изрази очекување Хрватска многу бргу да го поддржи членството на Македонија во НАТО и со ратификација на пристапниот протокол.
Хрватскиот министер за одбрана Крстичевиќ ги пренесе, како што рече честитките од цела Хрватска за последните достигнувања на нашата земја нарекувајќи го компромисот со Грција историски успех и победа на дијалогот и дипломатијата.
– Добредојдовте во семејството на НАТО. Хрватска меѓу првите ќе го ратификува Протоколот со што ќе прати порака и до сојузничките и партнерските земји. Драго ми е што идната седмица ќе седиме заедно во НАТО како министри за одбрана – рече министерот Крстичевиќ.
Тој додаде дека верува во отворањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ во јуни, и како идна земја претседавач со ЕУ во 2020 година изрази подготвеност за поддршка на нашата земја со знаење и искуство и на европскиот пат.
Министерот истакна дека двете земји имаат одлична и долгорочна одбранбена соработка, особено на полето на обуката и образованието и изрази подготвеност истата да се развива во делот на реформите на МО и АРМ, размената на искуства во поддршка на населението при елементарни непогоди, како и соработка во делот на организацијата, опремувањето и обуката на специјалните единици.
Македонија и Хрватска соработуваат и во регионалните иницијативи како САД – Јадранската повелба, СЕДМ, РАКВИАК, како и во меѓународните мисии, особено мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан – командата Север, каде заеднички придонесуваат кон воспоставувањето на мирот и демократијата во оваа земја.