Шекеринска и Бошковиќ на Криволак: „Одлучен удар“ не ја загадува околината, реконструиранa железницата до полигонот

Шекеринска информираше дека при извршените мерења на животната средина заедно со лабораторијата „АМБИКОН“ на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ и Институтот за јавно здравје, утврдено е дека активностите на вежбата немаат предизвикано штетни последици по природата и по граѓаните и нивното здравје.

163

Оваа вежба ќе биде не само најголема вежба во нашата држава, туку дефинитивно и една од најуспешните. И покрај големиот логистички предизвик, успеавме да обезбедиме добри резултати и во организацијата и во реализацијата на вежбата – рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска која со министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, денеска на армискиот полигон „Криволак“ ги посетија припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и на војската на Црна Гора, соопштија од Министерствто за одбрана.

Како дел од вежбата „Одлучен удар“, која започна на 5 јуни, а завршува утре, војниците извршија артилериско боево гаѓање со минофрлачи. 

Министерката истакна дека како резултат на оваа вежба направени се две подобрувања и унапредувања на работата на полигонот „Криволак“ – реконструкцијата на железничкиот крак до полигонот, кој не бил реновиран од осумдесеттите години на минатиот век, како и постојаната контрола на животната средина при изведување на вежбата.

– Во соработка со железници, успеавме да го реновираме кракот на железничката пруга кој што доаѓа на ’Криволак’ и на тој начин да овозможиме најголемиот дел од транспортот во иднина да го реализираме преку железница, а не преку генералната патна инфраструктура. Тоа е добро за Армијата бидејќи сме поефикасни, меѓутоа тоа е и добро за државата, бидејќи ја ослободуваме државата од потребата да се користи патната инфраструктура за транспорт на вакво вооружување. Најголемиот дел од возилата на завршување на вежбата ќе заминат по железнички пат – рече министерката.

Шекеринска информираше дека при извршените мерења на животната средина заедно со лабораторијата „АМБИКОН“ на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ и Институтот за јавно здравје, утврдено е дека активностите на вежбата немаат предизвикано штетни последици по природата и по граѓаните и нивното здравје.

Мониторингот на животната средина, рече министерката, ќе стане стандард при изведување на вакви вежби.

Црногорскиот министер Бошковиќ и честиташе на нашата земја за успешно спроведениот процес на пристапување кон Алијансата, за брзата динамика на ратификации и изрази очекување до крајот на оваа година, 30. земја – членка да седи како полноправен член на заедничката маса на НАТО.

Министерот Бошковиќ истакна дека сета соработка во одбраната ги потврдува заедничките интереси и заедничките вредности. За односот помеѓу Северна Македонија и Црна Гора, рече дека може да послужи како пример за многу други на просторот на Западниот Балкан.

– Црна Гора беше несебичен промотор на интересите на Северна Македонија кога станува збор за членството во НАТО, а денеска од страна на мојата колешка добив две студии кои покажуваат дека нема загадување на животната средина, на просторот каде што се изведуваат гаѓањата, што за нас е мошне значајно со оглед дека и кај нас е во план да се отвори еден полигон и е од голем интерес на јавноста – рече Бошковиќ.

Професорот Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на теренската лабораторија за животна и работна средина, „АМБИКОН“ образложи дека перманентниот мониторинг покажал дека не постои загадување на животната средина од вежбовните активности.

– Мониторингот беше перманентен од 30 мај заклучно со 30 јуни. Се мереа во реално време концентрациите на суспендирани цврсти честички. Генерално по периметарот ниту еден од резултатите не ги надмина дозволените норми за 24-часовна вредност. Во просек се движат од 20-30 микрограми на метар кубен. На една од локациите во кампот на војниците беше поставен и гравиметриски сеплер кој што служи за проверка на хемискиот состав на прашината. Беа анализирани сите неоргански елементи – значи типична прашина, соодветна на геолошкото потекло на подлогата во зоната на Криволак. Ниту еден од тешки метали не е надвор од дозволеното, дури и некаде ги нема – рече Мирковски.

Вежбата „Одлучен Удар“ на која учествуваат над 2.700 припадници на армии на шест држави – Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора, завршува утре. Оваа вежба претставуваше одлична можност за развој на интероперабилноста на нашата Армија со вооружените сили на земјите – учеснички, кои се и земји – членки на Алијансата. Воедно, нашата држава како домаќин на вежбата, покажа дека поседува искуство и капацитет за организација на големи и комплексни вежби, и тоа на полигон кој ги поседува сите потребни услови за изведување на ваков тип теренски вежби.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...