Веруваме дека мнозинството граѓани на референдумот ќе се изјаснат за Македонија како членка на ЕУ и НАТО и дека ќе порачаат до избраните пратеници дека тоа е иднината која им ја посакуваат на своите деца и на своите семејства. Ова го истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за Канал 5 телевизија.
Шекеринска е уверена дека референдумот ќе успее и дека за уставните измени потоа ќе ја имаат поддршката на дел од пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ.
– Неколку пати кажавме дека ќе ја почитуваме волјата на мнозинството граѓани. Сакаме да ги консултираме граѓаните околу имплементација на Договорот со Грција, која подразбира уставни измени кои ќе ги прави Собранието на РМ. Сметавме дека каков и да биде референдумот клучната порака, клучната политичка одлука која ја донесовме и во соработка со најголемиот дел од парламентарните политички партии е дека ќе го слушнеме гласот, мислењето на мнозинството граѓани и дека истото ќе го почитуваме – рече Шекеринска.
Сите главни политички партии, потенцира таа, се изјаснија со поддршка на одржувањето на референдум. Таа рече дека најголемата опозициска партија десет години зборува за потребата од референдум.
– Со каков образ ќе излезат во јавноста и ќе им велат на граѓаните да не излезат да гласаат, да не учествуваат на референдумот за кој дискутирале десет години. Ако сите политички партии кои тврделе дека референдумот е добар за Македонија, ако сите политички партии реално ги повикаа своите избирачи, симпатизери да излезат и да ја искористат шансата на овој референдум тој ќе биде целосно успешен, нема дилеми, но, не смееме од друга страна изјаснувањето да го направиме да биде заложник на нечии туѓи политички математиким – посочи Шекеринска.
Ако ВМРО-ДПМНЕ и други политички партии сметаат дека мнозинството граѓани се против членството во ЕУ и НАТО со спроведување на Договорот со Грција, вели таа, дотолку повеќе треба да ги убедат граѓаните да излезат да гласаат „против“ и навистина да ги споредиме бројките.
Во врска со тврдењето на опозицијата дека ако овој Договор пропадне и ако тие имаат можност ќе издејствуваат подобар договор, посочи дека го гледала интервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, но не слушнала ниту еден одговор, ниту еден аргумент и ниту една теза, идеја како тоа ќе го направат освен празно ветување.
– Имаа 11 години само во последниве и вкупно 17 години да постигнат таков договор. Во овој момент добивме Договор кој го заштитува нашето клучно прашање македонскиот идентитет и во исто време ги отвора вратите за членство во НАТО и ЕУ за нашата држава. Сакаме оваа држава да ја заштитиме од можна дестабилизација, да ја заштитиме од стравови поврзани со тоа, сакаме да ја понудиме на домашните и странските инвеститори како држава во која не треба да се плашат за својата фирма, ниту за своето семејство, перспективи и иднина – додаде Шекеринска.
Одговорно тврдам и барам јавно да ме демантираат дека 90 проценти од времето на лидерските средби беше потрошено на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија, изјави вицепремиерката.
Таа појасни дека барањето не било преку чин на амнестија, туку преку измена на членот 353 од Кривичниот законик, кој ја дефинира злоупотребата на службена должност, а потоа и еден мал обид тоа да се направи и преку измена во Законот за финансирање на политичките партии.
– Единствениот интерес кој го имаа на таа маса беше да се промени Кривичниот законик за да паднат во вода клучните обвиненија кон првите луѓе од поранешното раководство во ВМРО-ДПМНЕ. Ние рековме дека со тоа не согласуваме, и дека нема да дозволиме заради референдумот да бидеме уценети со амнестија – изјави Шекеринска.
Кога ВМРО-ДПМНЕ требаше да одлучи, продолжи таа, дали повеќе да мислат на државата или на поранешната врхушка, тие го избраа второто.
– Очекуваме секој од членовите на Парламентот да донесе одлука која е добра за државата. Членот 353, нема што да го дискутираме ако ВМРО-ДПМНЕ не бараше амнестија. Таков тип на уцени се лоши за ВМРО-ДПМНЕ, таков тип на уцени се лоши за СДСМ, но таков тип на уцени се катастрофа за оваа држав – рече Шекеринска.
Прашана за злоупотребата на армиски хеликоптер, Шеќеринска, рече дека граѓаните очекувале промена и таа промена постои и се гледа во тоа што јавноста е многу гласна и критична.
– Граѓаните поставуваат прашања, новинарите добиваат одговори. Мислам дека оваа промена е апсолутно добра и покажува колку Македонија се променила. Ние веднаш ја дадовме информацијата, која што се надевав дека ќе го прекине ширењето на лажни вести. Фактите се следни. Македонија денеска на неколку држави им обезбедува обука на нивните питомци во воената академија, а само на Црна Гора во Центарот за обука на пилоти. Државната делегација на Црна Гора во посета на Македонија, ги посети не само Криволак, туку и Центарот за обука на пилоти и користеше армиски воздухоплов за превоз и до Охрид. Факт е дека тоа е стандардно однесување – рече Шекеринска.