Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ да гласа за законот за одбрана за да покаже дека е за НАТО

120

Ако се залагаме за членство во НАТО, неопходно е прво да се донесе законот за одбрана кој е клучен за нашето членство и кој е ставен на дневен ред во Собранието на 11 декември. Ќе биде неодговорно од сите нас да зборуваме за ратификација, а да не си ја завршиме домашната задача. Ова особено се однесува на ВМРО-ДПМНЕ кое до ден денеска молчи на оваа крупна тема, порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

– Ако зборуваме, ако се залагаме за членство во НАТО, ако се радуваме за тоа дека најпосле државава го реализираше својот тридецениски сон, ги повикувам да направат барем едно нешто за нашето НАТО членството, а тоа е да го поддржат законот за одбрана, кој ќе ни даде шанса ако не дај Боже ни треба, да можеме да се потпреме на НАТО, и кој ги вградува принципите на колективна безбедност во нашиот закон. Без тој закон ќе биде неодговорно да се зборува за ратификација, а при тоа да не се завршува домашната задача. Владата е уверена дека ние ќе успееме да ја завршиме ратификацијата на нашиот НАТО протокол навреме – рече Шекеринска на новинарско прашање по  доделувањето на сертификатите и промоцијата на Упатството и Водичот за заштита од вознемирување на работно место во Армијата и во Министерството.

Таа додаде дека во разговорите со шпанските колеги добиле уверување дека ратификцијата од страна на Мадрид ќе се случи многу брзо по формирање на шпанската Влада, и оти процесот ќе финишира на почетокот од 2020 година. Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за ратификација на Протоколот за НАТО во нашето Собрание, без да се сочека ратификацијата од Мадрид, според неа, е партиска злоупотреба на темата.

– Тоа ќе ни даде шанса нашиот Парламент да не ратификува на жими мајка туку онака како што треба откако сите 29 земји членки тоа го направиле. Во оваа држава многу често ни се случило да мислиме дека сме ја завршиле работата и тоа да не се случи, и затоа се луѓето загрижени. Овој пат сакаме да чекориме на цврсто и затоа сметаме дека апсолутно ова е само злоупотреба и обид една извонредно добра вест да се покрие со 1001 дилема. На 11 декември Парламентот го има вистинскиот начин и вистинскиот инструмент како да покаже дека се сите обединети околу НАТО членството. Ги поканувам сите оние до денеска не кажаа ниту еден збор против законот, не дадоа ниту едне амандман да престанат да теоретозираат за НАТО и да го користат за партиски злоупотреби туку да направат едно нешто што им го должиме на граѓаните – да го поддржат тоа НАТО членство. Ратификацијата ќе се случи многу брзо – изјави Шекеринска.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...