Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, за МИА вели дека се прави сѐ за да биде донесен законот за јавното обвинителство, но дека она што е најважно и за власта и за Европската Комисија не е самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.
– Самата Европска Комисија инсистираше на многу мудар „речник“. Тие никогаш не се фокусираа на законот, туку се фокусираа на резултатите. А резултатите значеа дека мора да завршат не само истрагите и судските предмети, туку мора да се обезбеди да има одговорност за сите кривични дела коишто биле направени. И затоа фокусот беше делата, предметите, судските постапки, а не само проформа законот. Европската Комисија долго време ни ја праќа пораката немојте да мислите дека нам ни е целта само нов закон, изјави министерката за одбрана која се наоѓа во Брисел каде учествува на Форумот за поврзаност на Европската Комисија.
Шекеринска уверува дека преговорите за законот со опозицијата ќе продолжи и таа изрази надеж дека опозициската партија ќе престане да биде „заложник на криминалот и корупцијата од минатото“. Таа оцени дека ВМРО ДПМНЕ прави сѐ за да нема кривична одговорност, додека за власта фокусот е да се обезбеди правда, а не само закон на хартија.
– Законот со којшто ќе се овозможи продолжување на СЈО во поинаква форма ни е важен и ние правиме навистина сѐ, дури и направивме некои сериозни отстапки само да имаме закон којшто ќе обезбеди подобро функционално обвинителство и којшто ќе покаже дека во нашата држава има сериозен политички консензус за да се промени политиката на неказнивост од минатото – вели министерката за МИА.
Меѓутоа, додаде Шекеринска, „бидејќи опозицијата го правеше тоа што го правеше, инсистираше на закон кој де факто ќе ги блокира сите поранешни предмети на СЈО, ние сметавме дека лош компромис, т.е. компромис којшто нема да значи одговорност не треба да направиме и затоа фокусот ни беше да ги обезбедиме предметите на СЈО и успеавме во тоа“.
Министерката е оптимист дека Советот за општи работи на Европската Унија на 15-ти октомври ќе донесе зелено светло за почетокот на преговорите за Северна Македонија. Запрашана дали власта има план Б во случај повторно овој датум да биде одложен, таа истакна дека резервни сценарија нема, дека реформите се прават за граѓаните, но и дека поради тоа се направени отстапки кон Европската Комисија.
– Сметам дека клучната порака е дека овие реформи ги правевме за нас, не за ЕУ. Да, точно е дека некои работи ги прескокнавме или ги одложивме заради ставовите на Европската Комисија, меѓутоа сѐ она што државата инвестираше во подобри односи со своите соседи, пофункционална демократија, поотворен парламент, отворена и транспарентна влада, тоа се работи кои пред сѐ им ги должиме на граѓаните, не беа тоа жртви за ЕУ – порача министерката.
Околу можноста полноправното членство на НАТО да не се оствари на самитот на Алијансата на почетокот на декември како што се надеваше државниот врв, таа потсетува дека прашањето е процедурално, пред сѐ поради предвремените избори во Шпанија.
– Вчера заврши процедурата којашто требаше да се случи во британскиот парламент и покрај проблемите. Рековме дека е прашање на недели и на месеци. Дали шпанските избори ќе завршат, кога ќе почне нивниот парламент да работи, тоа ќе влијае на ратификацијата меѓутоа на самитот во декември ние ќе бидеме на масата на сојузниците. Очекуваме и работиме целосно да заврши без каков било проблем, сите во НАТО не доживуваат како де факто членка – изјави Радмила Шекеринска за МИА.
Освен Шпанија, се очекува уште ратификацијата на Холандија, Италија и Франција.