Функционирањето на правната држава значи дека никој не е над законот, но владеењето на правото исто така значи дека постапките ќе дефинираат дали некој е одговорен, носи таква одговорност или не. Како Влада покажавме дека нема да се мешаме во работата на органите кои мора да бидат независни. Знаеме дека постоеја дилеми, знаеме дека постоеја различни критики дека аршинот е различен. Се покажува уште еднаш дека во оваа држава сите ние ќе бидеме еднакви пред законот.
Ова денеска го изјави заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дали ќе го повикаат вицепремиерот Бујар Османи на одговорност, чие име се спомнува во една од истрагите на Специјалното јавно обвинителство.
– Од почетокот на мандатот на оваа Влада кажавме дека ќе се држиме до правилото да не се мешаме во работата ниту на обвинителствата, ниту на судството и тоа вчера се покажа дека е точно и дека не се празни зборови. Вицепремиерот Бујар Османи имаше изјава до јавноста во која кажа дека ги поздравува истрагите дека нема од што да се плаши и дека очекува постапката тоа и да го покаже – рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање за новите обвиненија на СЈО и дали како Влада очекуваат оставка од Османи.
Таа посочи дека Владата не сака да биде ниту обвинител, ниту да им се меша, не сака да биде судија, ниту да им се меша.
– Покажуваме дека владеењето на правото може да функционира само ако важи за сите. Покажуваме дека не бараме специјален третман и дека сме убедени дека само на таков начин Македонија може да оди напред – додаде Шекеринска одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на централната прослава по повод 11 Октомври, Денот на Народното востание, која се одржа во дворот на Владата.