Прилепската градска болница „Борка Талески“ доби донација во вредност од околу 300 илјади евра во апарати за речиси сите одделенија, во опрема и помагала со кои многу ќе се олесни услугата за околу 100 илјади жители во регионот.
Донацијата е на шведската хуманитарна организација „Од рака на рака“ која во пет години откако постои во 13 наврати донирала за поединци и институции во Македонија и секоја донација била од 250 илјади до 300 илјади евра.
Основачи на хуманитарната организација се Марија Росенгрен, со потекло од битолско-прилепскиот регион и Томас Росенгрен.
Директорот на прилепската болница, д-р Драган Богоески изрази благодарност за големата донација, која главно е во апарати.
– Дониран е мобилен рендген апарат, со дополнителен апарат кој врши дигитализација на снимката. Со оваа опрема ќе имаме можност на монитор да ја гледаме снимката, потоа колоноскоп, наменет за преглед на дебелото црево и ќе ни помогне во рано дијагностицирање на рак на дебелото црево. Во моментов располагаме само со гастроскоп, кој го користиме за дијагностика на болести на желудникот. Дел од донацијата се и два помали апарата. Едниот ќе го користиме во Одделението за ортопедија. Добивме и аспиратор, кој е неопходен во одделот за хирургија. Во донацијата има апарат за дијагностицирање на очни болести, апарат за одредување на ЦО2, операционо светло за во сала, 15 електрични болнички кревети, инвалидски колички, постелнина, рече Богоески.
Марија и Томас Росенгрен само во Македонија, досега имаат реализирано повеќе од 12 донации во здравствени и образовни институции, во Центрите за лица со посебни потреби, исто така им помогнале и на одделни социјално загрозени семејства.
За последната донација, која е од огромно значење за Градската болница, Марија Росенгрен изјави дека со големо задоволство работеле на нејзина реализација, заедно со директорот на болницата, со менаџерскиот тим и преку настојувањата на прилепчанецот Зоран Чапрагоски, Таа изрази надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму.