Швајцарците за провокациите на Шаќири и Џака: Имаат во нозете, немаат во главите

„Брилијантни будали“ е насловот на освртот во швајцарскиот дневен весник „Blick“, со што се алудира на начинот како го прославија постигнувањето на голот и Гранит Џака и Џердан Шаќири.

4792

„Брилијантни будали“ е насловот на освртот во швајцарскиот дневен весник „Blick“, со што се алудира на начинот како го прославија постигнувањето на голот и Гранит Џака и Џердан Шаќири со што Швајцарија направи пресврт и ја победи Србија (2: 1) во втората група Е на Светското првенство во Русија, пренесува Слободна Босна.

Откако по игра на среќата ждрепката во Москва ги спои Швајцарија и Србија, се наслутуваше дека меѓусебниот оглед ќе биде ризичен и тензичен.

Швајцарскиот дрес го носат четири играчи родени во Косово или со албанско потекло. Тоа се Гранит Џака и Џердан Шаќири и Валон Бехрами и Блерим Џемаили. Со оглед на политичките односи меѓу Србија и Косово, заклучокот беше дека натпреварот нема да се одвива исклучиво во спортска атмосфера.

Швајцарските медиуми ја слават победата на националниот тим која веројатно е вредна за осмина финалето, но изразуваат срам од гестикулациите на Гранит Џака и Џердан Шаќири, со кои покажувајќи ги албанските симболи во форма на двоглав орел, пред лицето на јавноста ги прославија своите погодоци. И, според мислењето на јавноста, со своите провокации покажале непочитување.

– Гранит Џака и Џердан Шаќири, двајцата најталентирани играчи од швајцарската генерација го одлучија мечот. Имаат нозе какви што нема никој во репрезентацијата. Меѓутоа, немаат развиен политички сензибилитет и општествена одговорност. Требаше да зборуваат за фудбалот, а не да зборуваат и провоцираат со рацете прославувајќи ги головите. Сите знаеме во какви односи се Србија и Косово. За провокациите нема место на стадионите – пишува во коментарот на весникот „Neue Zürcher Zeitunga“, со потсетување дека Валон Бехрами и Гранит Џака пред четири години јавно ветиле дека провокациите се работа на минатото и дека нема веќе да го практикуваат контроверзниот начин на прославување.

– Со денови швајцарската делегација елегантно ја избегнуваше темата на Србија и на Косово, особено селекторот Владимир Петковиќ кој ги игнорираше сите политички призвуци. Играчите, како и тој, се концетрираа само на теренот. Овој неодговорен гест уништи сѐ. Гранит Џака сакаше да изрази благодарност на сите луѓе кои отсекогаш го поддржувале. Така рече. Меѓутоа, она што го направија Гранит Џака и Џердан Шаќири е гест кој повторно ја разгоре дискусијата за која мислевме дека е одамна завршена – се вели во гледиштето на „Neue Zürcher Zeitung“.

– Фудбалот и спортот се игра на заедништво. Непотребни и глупави провокации никому не се потребни – заклучува весникот „Blick“.

Швајцарскиот селектор Владимир Петковиќ, беше разочаран од виденото.

– Однапред им реков дека политиката не треба да се меша со спортот. Целата земја е на мислење дека тоа не ни е потребно.

– Тоа е емоција. Јас никого не навредував. Не сакам да дискутирам – порача по натпреварот Џердан Шаќири кого странските медиуми, како и Гранит Џака, го нарекуваат „странски платеник од Балканот“.

Подготви: А.Ј.

 

ФОТО: Твитер

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...