Шахпаска: 8.100 стечајци ќе добијат надоместок од околу 8.000 денари (ВИДЕО)

1115

Со законски измени, за околу 8.100 стечајни работници ќе се обезбеди паричен надоместок, изјави пратеничката од СДСМ и коалицијата, Јагода Шахпаска.

– Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ продолжува со постапката за целосно решавање на проблемот на стечајците. На вчерашната седница започна расправата за Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата или популарно наречен Закон за стечајци, со кој се проширува опфатот на лицата кои што ќе можат да добијат надомест од речиси 7.800 денари – рече Шахпаска.

Анализата на досегашната имплементација на Законот за стечајци покажала дека правото на паричен надоместок во висина од 7.800 денари го оствариле 6.498 лица.

– Според овие податоци, голем број невработени лица ги исполнуваат сите услови за стекнување материјален надоместок по овој основ, освен условот – по остварување на правото на паричен надоместок да не биле вработени на неопределено време, односно работниот однос да не им престанал по нивна волја или вина. Исполнувањето на овој услов е тешко да се докаже и придонесува за создавање нерамноправна положба на стечајците – појасни таа.

Шахпаска додаде дека со овие законски измени го отстрануваат овој услов. Се создава можност, правото за материјално обезбедување да се оствари без разлика дали работниот однос склучен по користењето на паричниот надоместок бил на определено или на неопределено време, како и дали престанал по волја и вина на работникот.

– На овој начин се создаваат услови дополнителни 1.600 стечајни работници да бидат материјално обезбедени со надоместок – рече Шахпаска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...