Шаленберг: Преговорите се како Тур де Франс, не треба да има дискриминација кој е на стартната позиција

112

Преговорите со Европската Унија, австриски сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи Александер Шаленберг ги спореди со Тур де Франс – патот е долг, со многу патеки и потешкотии. Шаленберг, кој е во посета на Северна Македонија на прес-конференцијата по средбата со шефот на дипломатијата Никола Димитров изјави дека позицијата на Австрија е јасна – Северна Македонија и Албанија треба да добијат датум за почеток на преговори.

– Овој процес може да го споредам со Тур де Франс. Не е важно само кој ќе биде на стартната позиција, понатаму има многу етапи, стази и патот е долг, но верувам дека не треба да постои дискриминација во врска со тоа кој треба да стои на стартната линија на оваа тура – рече Шаленберг.

Нагласи дека не случајно земјава ја посетува сега, тајминот е наменски, пред престојниот Европски совет.

– Оваа посета е сигнал на поддршка и солидарност со Северна Македонија. Следната седмица е клучниот момент, во ЕУ кога ќе мораме да донесеме одлуки за идното пристапување на Северна Македонија и Албанија и ве уверувам дека Австрија има јасна позиција во врска со тоа. Веруваме дека вашата земја заслужува да го направи следниот чекор. Скопје ги испорача резултатите, сега е ред на Брисел да го испорача своето. Тоа е нашата позиција – рече автрискиот министер.

Нагласи дека следната седмица сите земји-членки нема да имаат исто мислење, но тој е оптимист и уверен е дека во Брисел ќе бидат постигнати позитивни чекори и ќе биде дадено зелено светло за преговорите.

Австрискиот државен врв, додаде тој, стапил во контакт со нивните колеги од другите земји-членки за да се уверат дека во Брисел ќе биде донесено правилното решение.

Димитров нагласи дека фокусот на денешната средба бил претстојниот Европски совет и додаде дека ова за земјава не е само уште еден ЕС.

– Решивме тешки прашања во период кога во Европа, па и во светот нема многу решенија на проблемите посебно на големи проблеми. Имаме еден демократски пресврт со сите минуси и грешки, кои за жал уште ги правиме, но македонското општество е позрело и подемократско од пред три години. Тоа е факт, правиме скокови во слободата на медиумите, во независноста на судството, има повеќе одговорност, има очигледно независна антикорупциска, има добри и видливи реформи во секторот разунавање – се заедно заслуживме да го направиме следниот чекор кој е почеток на европскиот пат, не е крајот – нагласи Димитров.

Билатералните односи двајцата министри ги оценија како одлични, расте трговската размена, а Австрија е инвеститор број еден во земјава.

Шаленберг нагласи дека австриските компании имаат голем интерес за натамошно инвестирање во земјава.

Тој и се заблагодари на земјава и за соработката во справувањето со мигрантите. Потсети дека Австрија има најмалку десет полицајци на границите и додаде дека ќе продолжи поддршката во таа насока, со оглед на тоа што изминатиот период е забележано одредено зголемување на мигрантите.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...