Владата ги поништи, Чулев ги врати решенијата на прераспоредените работници во Министерството за внатрешни работи кои на 6 и 7 овој месец добија нови позиции во МВР по наредба на министерот.
Заменик-дополнителната министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, пак, од вработените бара да се спротивстават на секој обид на враќање на старите навики на беззаконие и диктаторско однесување.
Чија наредба ќе ја почитуваат 89-те вработени во Министерството, на кои се однесуваат овие прераспределби е прашањето кое се отвори со новонастанатата ситуација во МВР.
Владата на седница во неделата ги поништи сите решенијата за распоредување во Министерството за внатрешни работи кои беа донесени на 6 и 7 февруари од техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Како што соопшти владината прес служба, врз основа на Законот за Влада на Република Северна Македонија, усвоена е одлука за поништување на 89 решенија за распоредување на работно место што ги донесе техничкиот министер за внатрешни работи Чулев.
Премиерот Оливер Спасовски оцени дека поништувањето на 89 решенија за вработување во Министерството за внатрешни работи е направено поради тоа што назначувањата се незаконски.
– Законот за Влада точно предвидува дека министерот за внатрешни работи во овој период може да промени 15 службеници на раководни функции. Досега, министерот Наќе Чулев има извршено 14 промени, а со 89-те сега поништени решенија се извршени промени на началнички или раководни места во МВР, што е спротивно на Законот – изјави Спасовски вчера од Охрид.
Тој посочи дека министерот за внатрешни работи има право на хоризонтални распоредувања на кадри во службата, но ни е и на промени на раководни структури.
Чулев, пак, вчера на својот Фејсбук профил обвини дека со оваа одлука премиерот Оливер Спасовски и Владата се мешаат во работата на Министерството за внатрешни работи што, според него, претставува грубо кршење на правниот поредок на државата и мешање во независноста на МВР.
Тој вчера преку известување ги информирал и потсетил вработените дека тој е министер и им укажал дека доколку не го почитуваат неговото решение ќе сносат кривична одговорност. Министерот, одлуката на Владата за поништување на новите решенија ја оценил како невалидна.
Како што соопшти МВР, Чулев ги известил прераспоредените работници дека согласно член 30 од Законот за Влада, Владата има право и должност да укине или поништи прописи или други акти на Министерството, органите на државната управа и управните организации, кои не се во согласност со Уставот, законот или друг пропис на Собранието, односно прописи на Владата.
За ситуацијата се огласи и од Охрид, каде вчера Владата одржа седница, при што истакна дека одлуката на Владата за неприфаќање на 89 решенија за вработување во МВР, не само што е противуставна и противзаконска, туку во услови на предизборие негативно може да се одрази врз севкупната безбедносна ситуација во земјата.
Според техничкиот министер, одбивањето на решенија создава конфузија во редовите на службата, а систем на двојно командување без точно одредена хиерархиска одговорност, само по себе предизвикува проблеми во функционирањето.
Вели дека со одлука на Владата може да се поништи пропис или акт на министерството, кој не е во согласност со Уставот и законот, а не може да се поништи конкретно решение за распоредување на работникот бидејќи истите не се прописи и од тие причини не може да бидат поништени од Владата, туку се поништуваат со соодветна постапка од работен однос.
Заменик-дополнителната министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска вчера преку соопштение ги повика вработените во Министерството да го задржат својот професионален и личен интегритет и да се спротивстават на секој обид на враќање на некои стари навики на беззаконие и диктаторско однесување.
„На секој правник му е јасно дека одлука донесена во законска процедура не може да биде суспендирана врз основа на телеграма, па затоа доколку тој не се сложува со одлуката на Владата на Република Северна Македонија, треба тоа да го изрази согласно законските процедури пред институциите, а не со телеграма. Истовремено, тој не смее да ја злоупотребува својата позиција и да ги поттикнува вработените да сторат повреда на законот и да не ја почитуваат одлуката на Владата“, појаснува Петровска во соопштението.