Чудовиштето Самопрезир

897

Зошто, кога премиерот Зоран Заев ги повика, од собраниска говорница, пратениците од левата страна да им подадат рака на оние од десната, а пак оние од десната на оние од левата, никој не се возбуди? А пак уште помaлку помисли дека треба неговите зборови да ги претвори во – дела?

Дали пратениците си помислија дека, во тој миг, се работи за вообичаена политичка реторика зачинета со силна доза на христијански морализам, не толку редок во јавните настапи на премиерот? Дали беа затечени? Дали не се снајдоа најдобро и пропуштија да реагираат благовремено? Не бил за тоа известен, ниту добил инструкции шефот на пратеничката група (Томислав Тунте) на СДСМ? Од тие причини, додека се колебал, „возот си заминал?“ Според мене, се работи за друго. Неопходни се некои напомени за да се оцртаат контурите на тоа друго.

Во својата уводна песна од славните „Цвеќиња на злото“ (1857), основа на европскиот лирски модернитет, поетот Шарл Бодлер (1821-1867) го именува тоа „друго“ како еnnui, од лат. in odiо esse. Тоа е деликатно чудовиште (monstrе délicat), пострашно од сите други. Се крие во душата на секој човек. Еквивалент во нашиот јазик за тоа чудовиште е зборот „самопрезир“.

Некои дваесетина години подоцна за тоа зборува и германскиот филозоф Фридрих Ниче. Во предговорот кон својaта книга „Генеалогија на моралот“ (1887) тој пишува: „затоа што, фатално, ние сме странци на самите себеси, ние не се разбираме себеси, ние сме вечно осудени да го поднесуваме законот: ‘Секој од нас е најголемиот странец на себеси.’“ Во длабинската психологија на Фројд тој „странец“ се нарекува Umheimlich. Тоа е тајна, закопана во  длабоката интима на човек, лик на тегобноста за која Фројд  го употреби зборот аngustiae. – теснец, теснина, притеснетост. Тоа angustiae на Фројд гласи Der Angst во речникот на еден од  најголемите филозофи на 20-ти век Мартин Хајдегер. Тој зборува за неа во својата книгата „Битие и време“ (Sein und Zeit).

Еден вид детаљна историја и теорија на тоа деликатно чудовиште од времето на антиката па до наши дни се дава во книгата „Странци на самите себеси“ (L’étrangers à nous  même) на Јул. Кристева, еден oд водечките лингвисти и психоаналисти на нашето време, натурализирана Французинка од бугарско потекло. Таа книга многу добро објаснува каква била еволуцијата на стравот од другиот-странец (ksenoi) кај домородецот (avtohtonoi), жител на античкиот полис-држава. Тој страв ја следи еволуцијата од надворешен во внатрешен страв „од самиот себеси“. По тој начин „другиот“, деликатното чудовиште или „странецот“, Кристева го затвора во концизната, атрактивна формула: l’autre c’est mon proprе inconsient: другиот е моето сопствено потсвесно.

Чувството на самопрезир (ennui) е мошне интензивно кога на човек му се гади од самиот себеси поради постапки кои се далеку од тоа да одат со сликата човек достоен за почит; кога е принуден, во околности кога се бори за гол живот, „да направи невидени гадости“ (А. Солженицин) кои сака да ги заборави. Иако никогаш не може да го стори тоа. Еден вид мали пакости човек прави секој ден кон блиски или непознати на кои дури не им обрнува ни најмало внимание. И тие пакости се под знакот на оние „невидени гадости“ кои бараат ако не самопрезир, тогаш барем осуда. Верувам дека моите бегли, неопходни напомени помагаат подобро да се разбере немиот молк на пратениците кои беа јавно повикани од премиерот Зоран Заев „да си подадат рака“ и, потоа, „да си простат за да им се прости“, како што рече при еден друг повод.

Зошто не мрднаа од место пратениците „од десната страна?“ Сите, до еден сведоци, соучесници или директни учесници во настаните од „крвавиот четврток“ на 27 април 2017? Еден од нив, Љубен Арнаудов, кој сега одговара за “терористичко загразување на уставниот поредок“ неодамна изјави дека бил „невин.“ Дека тој ни не се поздравил  со ликови од водачите на дивата орда која упадна во парламентот. Дека “тие се поздравиле со него“(!?). Не се сети да се праша, барем во себеси: зошто тие „водачи“ се поздравиле како со него, така и со некои од неговите? Но не и со оние кои дошле да ги бијат и да ги убијат? Како, на пример, со З. Села, З. Заев и Р. Шеќеринска? Како и другите, и тој очекува сега закон за амнестија. Веќе го напишала опозицијата на Мицковски.

Тој пример добро сведочи дека она деликатно чудовиште на Бодлер, оној странец на Ниче, оној скриен ѕвер на Фројд и Хајдегер и потсвесно на Кристева сè уште го држат во окови строгиот внатрешен, морален судија кој обично се именува како – свест. Треба да се потсети тука дека границата на потсвеста и свеста не е некој кинески ѕид. Дека таа не умира. Дека не гледа што прават дивите пориви кога доаѓаат до власт. Напротив, таа гледа сè. Таа знае сè. Таа суди дури и тогаш кога, навидум, молчи под деспотската власт на тие диви, анимални пориви. Кога ќе спласне нивниот атавистички бес, тој морален судија се претвора во деликатно чудовиште чиј суд тешко се голта.

Сакам да кажам со тоа дека, за да дојде до некое помирување за кое се залага премиерот неопходно е, кај сите оние пратеници од „десната страна“, да дојде до помирување, поточно признавање власт на свеста од страната на она деликатно чудовиште и обратно: таа свест да се помири со фактот, да признае дека тоа чудовише постои и живее покрај неа. Оти, оној што признава, во истиот миг се – самопризнава! Или, признавам значи – постојам како човек кој се труди да остане на цртата добро. Се трудат ли пратениците од „десната страна?“

Таа работа не оди ни оддалеку толку мазно. Ако не го знаат баш најдобро тоа, „пратениците од десната страна“ барем го чувствуваат. Едно е, меѓутоа, да се знае добро нешто, друго е да се признае. Најпосле, како што велеше рускиот филозоф Лав Шестов, човек не прави ништо друго во својот животот освен што смислува оправданија за своие постапки од кои се срами, од кои се гади, кои сака да ги заборави. А забoрав нема ни кога е на дело она dementio memoriae.

По сè што се рече треба да се додаде уште и следното: „преговорите“ меѓу она деликатно чудовиште ennui на Бодлер  и внатрешниот судија свест се исто толку тешки, мачни и неизвесни како и оние што ги водеше владата на Заев со онаа на Ципрас. Сепак, по цели 27 години, тие преговори завршија со поволен исход. Тоа дава барем некоја надеж дека до политичко помирување сепак може да дојде. Откако, најпрвин, ќе се признаат, откако ќе се помират како постојни, како живи оној странец-ksenoi и неговиот домородец-avtohtonoi. Како изгледаат тие две работи кај оние пратеници „од левата страна“, за тоа другпат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...