Скандалозна распределба на парите во културата е заклучокот по првичните реакции на уметниците откако Министерството за култура денеска на својата веб-страницата ги објави резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година по дејности и области.
На пример, пари не доби скопскиот џез-фестивал „Оффест“, како и проектот за серија концерти на Авалон продукција „Авалон колинг“. Кога се во прашање фестивалите, тука се и тетовскиот и кумановскиот џез-фестивал за кои биле одобрени 1,5 милиони денари за Тетово, а само 200.000 денари за Куманово.
Во резултатите кои ги објави Министерството, на пример, во делот за манифестации од фолклорна дејност „Фолк-фест Валандово“, „10 дена Крушевска Република“ и Фестивалот на ора и песни „Кенго Јехо“ добиле по еден милион денари, иако барале различни суми. Така, Фолк-фест Валандово барале над 4 милиони денари, за Крушевската Република се барани 2,6 милиони, а „Кенго Јехо“, барал 2 милиони.
Интересна е и распределбата на парите за музичка и музичко-сценска дејност. Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ за концерт во Загреб, Ријека и Сплит побарале 755.000 денари, а добиле 150.000, за концерт во Сиднеј, Австралија, побарале 6,2 милиони денари, а добиле милион, додека за гостување на фестивал во Бурса, Турција, барале 950.000, но добиле 200.000 денари.
Наспороти ова, Ансамблот на албански народни ора и песни во Македонија за учество на фестивал во Будимпешта барал 1.072.297 денари и добиле речиси колку што и побарале – точно еден милион. За фестивал во Индонезија барал околу 3,5 милиони денари, а добиле 2 милиони и за гостување во Шангај, Кина, Барале 3,6 милиони, а им биле одобрени 2 милиони.
„Таксират“, пак, добил само 500.000 денари, а барал 6 милиони. За фестивал во Тетово и за концерт Здружението „Артал“ од Тетово, добило 3,6 милиони денари. Популарниот и меѓунардно признат Скопје танцов театар исто така годинава не добил ниту денар од Министерството.