Истата судијка што пресуди ДИК да ѝ исплати отштета на 1ТВ од 100.000 евра (Сузана Дончевска) за рекламите за кампањата за претседателските избори, пресудила против реисот Сулејман Реџепи од ИВЗ а во корист на новиот поглавар Скендер Бузаку.
Реисот Сулејман Реџепи вчера за судијката која донела решение дека Исламската верска заедница (ИВЗ) има нов поглавар, изјави:
– Слушнав дека имала проблеми со здравјето. Не ја жалам, таквите нека починат.
По оваа негова изјава, од Обвинителството рекоа дека ќе го спои со предметот за кој веќе има кривична пријава против него од Хелсиншкиот комитет.
– Во врска со вчерашната изјава, ве информираме дека таа ќе се разгледува во рамки на предметот кој веќе постои – велат од обвинителството за Плусинфо.
Предметот кој е веќе формиран се однесува на изјава на Реџепи од пред десетина дена кога тој на поставувањето на камен темелник на џамијата во скопското село Арнакија изрече навреди за македонскиот народ.
– Нам не ни пречи да градат цркви, но никогаш нема да молчиме кога нѐ попречуваат во градењето на џамиите. Замислете вие со каков див народ живееме. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот, не се освестува – изјави тогаш првиот човек на ИВЗ.
Тој подоцна се правдаше дека бил погрешно протолкуван, односно дека неговата изјава била извадена од контекст. Наводно дека калификациите „див и непримерен народ без идентитет“ не се однесувале на Македонците, туку само на жителите во селото Лажец.