Чувме нешто од вистината и таа е – страшна!

Дуелот на Заев и Мицкоски покажа дека во кампањата и по неа конфликтот ќе бликне со сета своја силина, но енергијата ќе биде насочена кон јакнење на позициите на партиските елити во своите корпуси (членство и симпатизери). Поинаку кажано, тоа што народот пак ќе се закрви, наместо да се помири, не е никаков сериозен план, та дури ни некаква луда надеж, дека се движиме кон позитивни и крупни политички и општествени промени.

17128

Наспроти општиот впечаток дека телевизискиот дуел на Канал 5, меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, лидерите на двете најголеми македонски политички партии, се сведе на жестока меѓусебна лична пресметка, јас мислам дека политичката јавност доби неколку важни информации, врз основа на кои може релативно прецизно да се процени што ќе се случува со Македонија на политички план во следните неколку месеци.

Прво, дознавме дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се релативно блиску до постигнување конечен договор за законот со кој Специјалното јавно обвинителство ќе се инкорпорира во Јавното обвинителство. Позицијата на одбрана на СЈО како „ексклузивно“ обвинителство и „прек суд“ е отфрлена од сите. Не ја слушнавме дури ни мантрата на Заев што многумина очекуваа да ја слушнат – aut Katica aut nihil.

Второ, се чини дека Мицкоски ја зајакнува својата позиција во преговорите за судбината на СЈО, со еден најавен пакт со осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои му откажаа послушност кога се гласаше Договорот од Преспа, но кои можеби ќе се приклонат кон партискиот став за законот за СЈО. Тоа битно ги менува работите, бидејќи без нив нема двотретинско мнозинство.

Трето, Мицкоски нема да го смени својот националистички наратив и негирањето на вредностите на Договорот од Преспа. Вистинска штета е тоа за капацитетите на опозицијата. Но, вака или онака, под притисок на противникот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ сепак мораше да каже дека луѓето од неговата партија кон овој документ нема да се однесуваат „како Талибанци“, што е посредно признание дека ќе ја прифатат обврската барем формално да го почитуваат. А ништо повеќе од тоа и не се бара.

Четврто, ни Заев ни Мицкоски немаат сериозни одговори на прашањето што со корупцијата и со непотизмот, кои се со епидемиски размери. Обајцата бараат спас во одлуките на Антикорупциската комисија и не се подготвени да го егзекутираат прашањето на политичката одговорност. Зошто? Затоа што и оваа власт, како и претходната, за жал, нема три чисти да расчисти со овие зла во своите редови.

И петто, ни Заев ни Мицкоски не се подготвени да преземат лична политичка одговорност за евентуалниот неуспех на претседателските избори. Слушнавме декларативни заложби за поголема излезност и за фер трка, но не слушнавме јасен став дека двајцата ќе поднесат оставки ако нивните фаворити изгубат. Наместо тоа, лидерите излезот го гледаат во предвремени парламентарни избори, што би било само продолжение на политичката агонија, која сепак ќе им овозможи цврсто да ги задржат кормилата во своите партии.

Мојот финален заклучок, за жал, е дека плановите на двајцата лидери и веројатно и на двете партии во суштина се конвергентни. Што значи тоа? Тоа значи дека во кампањата и по неа конфликтот ќе бликне со сета своја силина, но енергијата ќе биде насочена кон јакнење на позициите на партиските елити во своите корпуси (членство и симпатизери). Поинаку кажано, тоа што народот пак ќе се закрви, наместо да се помири, не е никаков сериозен план, та дури ни некаква луда надеж, дека се движиме кон позитивни и крупни политички и општествени промени.

Тоа е лошата вест. Добра нема. Засега.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...