Член на обезбедувањето од 27 април: Се бараше шиптарска крв

641

Абдул Фета Аљими, еден од 30-те обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок на 27 април во Собранието, денеска во судница беше спроведен од притвор, но во друга улога, како сведок за обидот за убиство на Зијадин Села.

Тој на 27 април во Собранието бил како дел од собраниското обезбедување.

– Влегов во прес салата после толпата. Најкасно една минута после толпата влегов. Кога влегов таму го видов Зоран Заев со крв, фрлаа со столици, предмети од камерите, беше хаос. Таму беше и еден мој колега. Застанавме, позади мене беше Талат Џафери, од левата страна стоеше Зоран Заев, Оливер Спасовски…. Се маваше со се и сешто, се бараше шиптарска крв. Овие зборови доаѓаа од толпата – започна со сведочењето Фета.

Толку биле насилни што на Заев му викале дека е продадена душа, дека е шиптар. Најмногу извици покрај по Заев, тој рече оти имало кон Зијадин Села и Талат Џафери.

Сведокот рече дека памети некои од напаѓачите. Едниот, рече, бил околу 50-тина година, тој ја смирувал толпата. Станува збор за Александар Јаневски Тошта кој сведокот го препозна. Тошта и од други сведоци беше посочуван како лице кое во еден момент од нападот врз Села ги смирувал напаѓачите.

Друго лице кое го памети рече било на стол поставен на маса. Носело црна фантомка, со рака командувало кој да се нападне. Сведокот Фета опишуваше и други лица на кои се сеќава, а го препозна и обвинетиот Кире Георгиевски за кого рече дека бил насилен. Обвинителот го праша сведокот и конкретно дали имало извици директно кон Села од некој од толпата.

– Човекот кој беше со фантомка зборуваше да се убие шиптарот – одговори тој.

Членот на обезбедувањето рече дека се задржал 10-15 минути во салата и не зборувал ништо зошто ако зборувал македонски ќе го дознаеле дека е Албанец , а таму како што рече се барало шиптарска крв.

– Ме прашаа кој си ти, одговорив дека сум од обезбедувањето.Тогаш викнаа овој е шиптар не е наш и ме удрија два пати. Ја изгубив свеста. После колегата ми кажа дека им рекол оти сум нивен, а не сум Албанец и така ме спасил – сведочи Фета.

Додека тој бил во прес салата Села се уште бил со останатите пратеници. Потоа  лидерот на Алијансата на Албанците го видел во Клубот на пратеници, каде го викнала колешка која му рекла дека Села е многу повреден.

– Кога ги видов Села во клубот мислев дека е починат. Таму имаше лице во бела маица кое го удри Села. Имаше и еден дечко цивилка од толпата. Кога таму го удија Села, им реков оставете човекот е мртов – рече Фета.

Тогаш тој со негова колешка и уште едно лице го земале лидерот на Алијансата на Албанците и го однеле во бифето. Му пружиле прва помош и викнале доктор.

– Во бифето не знаевме што да правиме. Се гледаше од лицата на тие кои беа таму дека никој нема смелост да го земе Села, да го извади од таму и да го прикрие. И кажав на колешката дека ќе го земам и ќе го носам горе по помошните скали. Не можев сам и реков на колешката да помогне некој. Дојде еден дечко кој ми помогна. Села ме праша на македонски, каде го носиме и му реков дека е во сигурни раце. На вториот кат  кога се качив слушнав дека некој рече оти не е завршена работата со Села. Ова доаѓаше од гаражата. Отидовме на трети кат каде беше отворена една канцеларија, влеговме внатре. Прво, го ставивме Села под маса. Ме праша каде е, и дури тогаш му одговорив на албански да не се секира и оти јас сум Фета од обезбедувањето. Му реков додека сум жив никој нема да го чепка. Земав салфети да го избришам. Потоа гледавме како да избегаме од таму за да се спасиме – раскажа Фета.

 Таму на Села му дал вода, но и цигара зошто не знаел што да прави. Потоа се јавил на колешка да викнат доктор. Сведoкот рече оти Села не сакал да прими инјекција зошто се плашел.

Фета разговарал со полицаец и му рекол дека им требаат пет полицајци во цивил. Дошле за кратко тројца цивили, двајца во униформа, лекар и медицинска сестра. Му дале прва помош и го однеле со носилка на приземје. Сакале да го напуштат Собранието од еден од излезите, но бидејќи имало толпа се вратиле во Клубот на пратеници. Го маркирале со полициска капа, му ставиле легитимација… Фета му кажал на Владимир Ѓорчев да обезбеди блиндирано возило. Го изнеле викајќи дека е повреден полицаец и со оклопно полициско возило го однеле во државна болница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...