Чанта со палестинското знаме и фотографии остави член на анархистичката група „Рубикон“ во дворот на една од зградите на грчкото МНР. „Интервенцијата“, како што членовите го карактеризираат упадот, се случи во текот на ноќта, а преку соопштение и видео, самите објавија и објаснуваат зошто решија по вторпат за краток временски период да упаднат пред објект на Министерството за надворешни работи на Грција.
Тие велат дека уште еднаш се занимаваат со палестинското прашање и „долгогодишниот стратешки сојуз на грчката држава со Израел“ и дека овој пат се решиле на „симболичен потег, оставајќи чанта што имаше знаме од Палестина и неколку фотографии“.
„Фотографии на мртви од последната „епизода“ на геноцидот на еден народ, по повод признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од САД, уште еден долгогодишен стратешки сојузник на грчката држава. Фотографии од мртви деца, жени, инвалиди, цивили. Па така, кога Коѕијас ќе се ракува со Нетанјаху на трилатералната средба Грција – Кипар – Израел на 13.10.2018, да памти дека тие раце се облеани со крв на невини. Слобода за Палестина“, пишуваат членовите на „Рубикон“ во текстот објавен на анархистички сајт.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, текстот е пропратен со видео на кое се гледа еден од членовите на „Рубикон“ со кацига на главата и ракавици за да ги скрие неговите лични карактеристики , од задната страна на објектот на грчкото МНР прерипува ограда, држејќи чанта во рацете. Зад него е друго лице со камера, што го снима упадот. Членовите на анархистичката група без проблем, од задниот дел стигнуваат речиси до главниот влез, ја оставаат чантата и без да бидат забележани си заминуваат.