Членовите на ДИК ќе се бираат без критериуми за само 6 месеци

Новот состав на ДИК би го организрал референдумот за името, додека до другите парламентарни избори треба да има нов состав на комисијата.

1264

Собранието во петокот донесе одлука за распишување на оглас за избор на нови членови на Државната изборна комисија, а огласот денеска е објавен во весниците. Согласно условите, член на ДИК може да биде секој државјанин на РМ, кој има високо образование и не е член на орган на политичка партија. Од партиите објаснуваат дека условите се општи за да може да се најдат кандидати, бидејќи потешко ќе се нафати некој да биде член на комисијата, ако се знае дека овој состав е само привремено решение кое ќе трее шест месеци, по што ќе треба да се избере нов состав согласно измените на Изборниот законик што ќе ги договорат политичките партии.

Огласот за избoр на претседател, потпретседател и членови на ДИК е објавен денеска. За овие функции може да биде избрано лице кое ги исполнува условите од член 27 (став 1) од Изборниот законик, да е државјанин на РМ со постојано место на живеење во РМ, да има завршено високо образование со најмалку осум години работно искуство и да не е член на орган на политичка партија. Огласот трае 8 дена, а заинтересираните кандидати документите ги доставуваат до Собранието.

– Овој состав на ДИК ќе биде привремено решение со мандат од шест месеци, затоа и се даваат поопшти услови. Во тек се преговори меѓу политичките партии на кои се преговара за законската регулатива поврзана со изборите и изборните процеси. Во рамките на тие преговори нашето барање е ДИК да биде целосно професионална и непартиска и сега околу тоа се кршат копјата – вели Томислам Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Тој посочува дека очекувањата се наесен да се постигне договор меѓу партиите и тогаш повторно да се направат измени на Изборниот законик и да се избере нов состав на ДИК. Во рамките на овој договор треба да биде и прашањето за пржинската влада, односно, дали наредните парламентарни избори ќе ги организира привремена влада во која ќе учествува и опозицијата, како што тоа беше во 2016 година.

Од Државната изборна комисија објаснуваат дека во текот на работата се соочуваат со проблеми бидејќи откако поранешниот состав си поднесе оставка, сега нема кој да носи одлуки и други акти кои излегуваат од надлежност на генералниот секретар на Изборната комисија и стручните служби, а се неопходни за да може ДИК да ги исполнува своите законски обврски. Со реконструкцијата на владата, пратеникот Петар Атанасовски требаше да стане заменик-министер за образование, но ова беше одложено, бидејќи нема кој да го извести Собранието за верификување на мандатот на нов пратеник кој доаѓа на негово место. Исто така, ако треба да се организира референдум, како што најавува премиерот Зоран Заев, на кој граѓаните би се изјасниле за прашањето за спорот со името, мора да има Државната изборна комисија за тој да може да се спроведе.

Согласно актуелното решение, откако ќе заврши огласот, Комисијата за избор и именување ќе треба да направи листа на кандидати кои ги исполнуваат условите, а политичките партии да дадат свои предлози за нови членови на ДИК. Опозицијата предлага претседател и двајца членови, а владејачките партии предлагаат потпретседател и тројца членови, со што мнозиството во ДИК го има власта.

Условите во конкурсот покажуваат дека огласот е само формалност што треба да се испочитува, а повторно партиите ќе одлучуваат кој ќе биде член, вели Џабир Дерала од Цивил.

– Со овој модел се враќаме во систем што сметавме дека е надминат затоа што е лош. Несериозно е во огласот да не се постават критериуми кои ќе значат конкурирање на искусни и обучени кадри, а не партиски војници. Цивил останува на своето барање за членови на ДИК да се избираат непартиски кадри кое се експерти во областа на изборната регулатива и изборните процеси – вели Дерала.

Лани во декември, последниот состав на ДИК си поднесе оставка откако исплива на површина скандалот со исплаќањето на надоместоци за патни трошоци како и премии и бонуси за организирање на избори. Оставка не поднесе само претставничката на Беса, но со објавување на новиот оглас и нејзиниот мандат престанува.

Мими Шушлеска Петкова, „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...