Зелени паркови, прекрасни предели, шуми, фантастични имоти, како времето да застанало тука. Честопати кога возиме низ нашата втора… како да кажам татковина, кога е несоодветен збор… лесно им е соседите со домовина… значи кога возиме низ нашата втора држава… опааа, држава, како цела да е наша… значи да се вратам на темата, а ќе стигнеме речиси до Бат, оние убави замоци што ги гледаме покрај патот како да излегле од книгите на Џејн Ејр или на Чарлс Дикенс. Исти се сега, во 21 век како тогаш, во најчесто 18 век кога биле изградени, една од поскромните била со 12 спални, езеро, куќичка за чамци, летниковец и 30 хектари земја и цена ќе добиете ако прашате, не е на огласот.
Зашто сега некои од нив се продаваат оти одржувањето е проклето скапо. Освен ако не се снима некоја драма од тој период. Па коментираме дека лесно им е на Англичаните кога ги снимаат тие драми и серии. Не им треба посебен сет, сè им е тука, на дланка и подготвено, и ентериерот и екстериерот, евентуално ќе треба само некоја сателитска антена да тргнат ако сопственикот не е некој новопечен, не направил некој непростлив „фо па“ илити гаф па ја ставил сателитската чинија на видно место… А ако сакате да посетите некои од овие места, може, но само во ретка прилика и тоа ако сакаат сопствениците, па ќе ви наплатат билет. Или ако се во државна сопственост, што за разлика од претходно, ќе ви наплатат влезница. Скапо е одржувањето.
Забрането поминување
Еднаш, на почетокот, кога бевме „млади и зелени“, новодојдени во нашата нова (додека не смислам посоодветен збор) држава, се обидовме да излеземе и од страна, така малку, да прошетаме, и да се приближиме до овие убави куќи, замоци, дворови. Не беше можно. Возевме потоа со километри. Ништо. Сè беше приватно, оградено, ѕидови до самиот пат. За многу места, времето навистина застанало. Па си замислувам дека ако се обидете да им влезете на имотот, ќе ви ги пуштат слугите со вили и мотики да ве избркаат, а ако им избегате, ќе ве спотераат со ловечки кучиња, а тие качени на коњи во црвени костуми и бели панталони и црни шлемови за јавање (имам еден таков дома од моите часови, го користам и за на велосипед, хм, не е лошо да се продолжи). Значи, настрана мојата фантазија, ја имате сликата колку овие имоти се приватни и заштитени, и колку никој не смее да стапне на нив.
Ја имаше и обичниот плебс тука па токму затоа во 1932 година, околу 400 луѓе прошетаа по зелената трева на Киндер Скаут во сега националниот парк Пик Дистрикт, барајќи да имаат подобар пристап до природата. Неколку недели подоцна се собраа околу 10.000 луѓе во знак на поддршка… и така почна организацијата наречена Рамблерс, или Шетачи, која денес брои околу 123.000 членови од Англија, Велс и Шкотска.
Што прават тие? Шетаат во природа, исклучиво по патеки каде што е дозволено, меѓу приватни имоти. И се жалат во последно време дека патеките се намалуваат, дека општините не ги одржуваат и тие зараснуваат во трескот, а имам некое чувство дека земјосопствениците не се нешто многу вознемирени околу овој факт.
Америка и Енглеска…
Дали Гај Шрабсол беше Рамблер или не, не знам, ама очигледно му недостасуваше шетањето каде што сака. (Плус презимето симболично му е грмушка-табан). Или му недостасуваше брегзит кој последниве недели, со оглед на тоа што парламентот беше на велигденски одмор со чоколадни јајца, нешто се подзагуби од медиумите. Сеедно, тој реши да види која тоа земја сака да биде независна и констатира дека половина Англија е во рацете на помалку од 1 процент од населението! Најголеми земјосопственици се аристократите и – корпорациите.
Досега овие податоци беа тајни, но благодарение на законот за слободен пристап до информации и трпеливоста на Шрабсол кој „вадеше“ податоци од општина до општина, зашто нема податоци на едно место, утврди дека 25.000 сопственици ја имаат половина од земјата! Буквално. Нивна е.
Па се утврди дека, ако овој еден процент еден убав сончев ден се почувствува дарежливо и ја раздаде земјата (ха, ха, ха и Америка и Енглеска не стануваат земја пролетерска), тогаш секој жител тука ќе има нешто помалку од половина хектар, што е, грубо измерено – половина од плоштадот пред парламентот во централен Лондон. Ама нема. Дури и кога имате стан во зграда, во ваша сопственост, станот е ваш, ама… Ама не сосема, зашто го изнајмувате земјиштето на кое е вашиот стан од сопственикот на тоа земјиште. Најчесто на 99 години. Може и на повеќе. Ако е на помалку, вредноста на вашиот имот се намалува. Едноставно кажано, може станот или куќата да се ваши, ама земјата под нив да не е!
Па чија е? Кои се главните земјосопственици? Нормално, кралицата, војводи, баронети и слично племство, корпорации, олигарси и банкари. Само 5 отсто од оние што имаат свои куќи го поседуваат и земјиштето под и околу нив. Така што сите оние кои мислат дека класната структура тука се променила… па, нека размислат уште еднаш.
А за другите? На други места? Па, што да кажам освен – слободно шетајте и уживајте. Додека има време. И додека има земја.