Со зборови, со пишувања, не се документираат ниту добројуваат сите наши промашувања.
Постфестум критиката, не нѐ амнестира од вината за грешните потези во политиката.
Ниту една функционерска фукара не ни падна од небо, ниту од букова гранка.
Ја донесовме ние, и тоа со триумф – со двата прста од нашата корава дланка.
Парламентот не така ретко, беше слика на срамна циркусијада.
Ревија на заталкани персони – кој ќосест, кој со комитска брада.
Генерален биланс – „шака јада“.
Ги помните, од говорницата до зарипнатост врескаа. Зелени кинеа, глупости трескаа.
Некои, во стилот на панди, мандатите ги преспаа.
Примитивизми, шарлатании демонстрираа.
Направија кариери – дебело се нафатираа!
Со народни пари, финансиски династии си направија.
Човекот го заборавија – државата на цедило ја оставија.
И денес, на политичката сцена, стари слики се репризираат.
Со блефови и алчност, некои нови момци не скандализираат.
Според мојата маленкост – господине Заев, во твоите раце е големата топузина.
Чистка на олошот. Со битанги, нема среќа, не се чекори кон европска иднина.
Тргни ги од патот сите шпекуланти, превртливци, морални беди.
И биди уверен, овој честит народ, сака живот, во стапка ќе те следи!