Долг е списокот на нештата што, според ВМРО-ДПМНЕ, треба да запрат, поврзани со однесувањето и заложбите на власта, меѓу другото во однос на почитувањето на демократијата, правото и правдата, бидејќи сè друго води кон „бескрајна незапирлива поделба“. Напорите на СДСМ да ги нормализира односите со соседите, посебно преку Договорот со Грција, со цел да се деблокираат евроатлантските интеграции, да се овозможи продолжување на македонскиот пат кон ЕУ, и зачленување во НАТО, опозицијата ги толкува исклучиво како капитуланство и антидржавен чин со кој се обезличува Република Македонија.
Но нема никакво сомневање дека ВМРО-ДПМНЕ, всушност, само го продолжува својот претходен курс од режимскиот период на владеење, не покажувајќи никаква подготвеност да се зафати барем и со делумно чистење на сето она што како последица на погрешните политики и злуоптреби, меѓу другото и со популистичкиот проект „Скопје 2014“, и понатаму го означува дејствувањето на оваа партија како затскривање зад невешто изградената анти-европска фасада.
Македонија е далеку од почитувањето и ширењето на европските вредности, колку што, впрочем, е долг и нејзиниот пат што води кон членството во ЕУ. Но едновремено и источноевропските земји што беа дел од поранешниот комунистички блок, а кои веќе деценија и пол се рамноправни членки на ЕУ, сè уште покажуваат силни осцилации во однос на решителноста да тргнат побескомпромисно во освојувањето и примената европските нормативи и стандарди. Токму затоа се во остар конфликт со Брисел.
Не случајно францускиот претседател Емануел Макрон деновиве ги повтори своите ставови дека „ЕУ е заеднички проект што бара взаемен ангажман“. Потенцирајќи дека на сила се леволибералните вредности на ЕУ, тој своите пораки ги упати кон националистичките влади во Источна Европа. „Европа што го игнорира плурализмот на идеи и убедувања, самостојноста на правосудството и медиумите, прифаќањето на бегалците што бараат заштита од прогонувања, е предавство против нас самите, против тоа што сме“. Во таков контекст Макрон го употребува зборот предавство, кој во Македонија, пак, веќе со години наназад се користи, без речиси никаква критичка дистанца, за поттикнување на омраза и нетолеранција спрема поинкави мислења и за продлабочување на „бескрајната поделба“, за која ВМРО-ДПМНЕ виновникот сега го бара на адресата на Владата.
Развојот во Европа во последните години, како што се укажува на повеќе нивоа, се одвива во таква насока, при што е видливо дека идеалите за нелиберална демократија, присутни меѓу националистите и популистите во рамки на т.н. Вишеградска група земји (Чешка, Словачка, Полска и Унгарија), се базираат врз слично културно и политичко дистанцирање од Западна Европа. Владите во овие земји имаат визија за Источна Европа, на чело со Вишеградската група, што треба да изгради културен и политички микс меѓу Русија и Западна Европа. Тоа би значело да може да се избира тоа што се сака од демократијата, благосостојбата и развојот, но во исто време да се отфрлат „непатриотските“ заложби за принципите на правната држава, кога станува збор за независно судство и заштита, на пример, на етничките и религиозните малцинства. Со нецелосно и селективно прифаќање на западноевропските вредности, владите во споменатите источноевропски земји се надеваат дека можат да функционираат како културни градители на мостови меѓу Западот и Истокот, и на таков начин да ја задржат „чистотата“ на сопствената култура.
Многумина сметаат дека по падот на Берлинскиот ѕид и колапсот на Советскиот Сојуз, Москва никогаш во потполност не го прифатила мултинационалниот поредок што на Западна Европа ѝ овозможи мир и материјална благосостојба по завршувањето на Втората светска војна. На различни начини Русија се обидува да го заврти тркалото на развојот наназад со помош на интерни и екстерни сили во разни региони и земји. Токму во таков контекст може да се рабере поддршката што Москва ја дава на различни десничарски популисти и националисти ширум Европа.
А, всушност, станува збор за мултинационален поредок што силно се потпира врз меѓународна соработка заснована врз демократски вредности, пазарна економија и меѓународно право, што се манифестира преку Повелбата на ОН, Европскиот совет и ЕУ. Поредок каде што спогодби и договори се постигнуваат преку преговори на меѓународно ниво, во рамки на правниот поредок што им овозможува простор и влијание како на големите, така и на малите земји. Русија, наместо тоа, посакува враќање на состојбите со неколку големи сили на кои им се дозволува да доминираат со Европа и кои го делат континентот меѓу себе во разни интересни сфери. Чудно е тоа што и Доналд Трамп, заедно со десничарските и левичарските популисти и со екстремната десница, го дели таквото гледиште со Путин.
Но границите на Европа се всушност прашање на вредности, а не на географијата и местоположбата. „Ако човек сака да биде Европеец, мора да застане зад извесни норми. Составни делови на тие норми се хуманистичките вредности и идеали за плуралистичка демократија, толеранција и човековите права“, забележа познатиот полски дисидент и публицист Адам Михник, при воведувањето на демократијата во Полска во 1989 година. Денес е јасно дека развојот не се одвиваше токму во таква насока, а за што Михник и други борци за демократија изразуваа надежи по падот на комунзимот.
Во актуелниов миг, борејќи се за афирмација на колективните потреби од заедништво и солидарност, Макрон се спротивставува на анти-демократските сили, дозволувајќи да го нарекуваат непријател на националистичките влади во Европа. Без многу двоумење може да се претпостави дека францускиот претседател би важел за непријател и на македонската Влада, доколку ВМРО-ДПМНЕ би успеала да ја освои власта погледнувајќи кон Европа од дувлото сокриено зад високо кренатата анти-европска фасада.
Освојувањето на европските вредности во Македонија всушност час поскоро треба да се прошири на посеопфатен и повеќеслоен терен. Во спротивно ќе се проширува дупката околу секојдневната јалова борба со меѓусебни обвинувања и здодевни партиски соопштенија, чиј резултат е ништо повеќе од освојување на евтини политички поени.
Но цената што со генерации наназад ја плаќа населението, преку ширење на сиромаштијата, економското заостанување и континуираното иселување, и понатаму ќе биде – скапа.