Постојаниот руски претставник во ЕУ, Владимир Чижов во интервју за грчкиот весник „Катимерини” вели дека се надева оти решението на спорот за името меѓу Атина и Скопје ќе придонесе за стабилноста, но напоменува дека приемот на Македонија во НАТО ќе биде „грешка со последици”, пренесува Спутњик.
– Се разбира, нема да фрлиме нуклеарни бомби…Како што реков, секоја земја има право да носи одлуки и да прави сопствени грешки. Но, има грешки… Има грешки кои имаат последици – изјавил Чижов, одговарајќи на прашањето за руска реакција на можното пристапување на Македонија во НАТО.
Во интервјуто тој го коментира и Договорот што го постигнаа Македонија и Грција.
– Според мене, ова прашање требаше одамна да се реши за да може двете земји да имаат добри соседски односи и соработка. А, за суштината на договорот, ќе видиме како ќе се развува ситуацијата, со оглед дека знаеме за реакциите во двете земји – вели Чижов.
Тој не сака да го коментира уставниот процес во врска со промената на името на Македонија и додава дека се надева оти спорот за името ќе се реши на билатерално ниво, без мешање однадвор.
– Овој договор, се надеваме, ќе ја зајакне стабилноста на Балканот и сорабоката меѓу двете земји, но не треба да се гледа како оправдување за брз пристап на вашиот сосед во воениот сојуз – изјавил рускиот амбасадор.
Русија, според него, не се спротивставува на проширувањето на ЕУбидејќи секоја земја право да носи свои одлуки, но има малку поинаков став за НАТО.
– Проширувањето на НАТО е нешто поинакво. Во основа тоа е обид да се бориш со заканите и предизвиците во 21 век со средства и механизми од 20 век – вели Чижов за „Катимерини”.