Чешкиот премиер Бабиш во посета на Скопје

185

Делегација на Чешката Република предводена од премиерот Андреј Бабиш денеска ќе престојува во официјална посета на Македонија.

Чешката делегација ќе биде пречекана со високи државни почести пред платото на Владата, по што премиерот Бабиш ќе биде примен од неговиот домаќин, премиерот Зоран Заев.
Предвидено е премиерот Бабиш да има средби и со шефот на државава Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и со министерот за економија Крешник Бектеши.

Пред доаѓањето во Скопје, Бабиш најави дека ќе искаже поддршка од Чешката Република за евроинтеграцијата на Македонија.

Со своите домаќини ќе разговара за билатералната соработка и за актуелните случувања на Балканот, во Европа и во светот. Разговорите ќе бидат фокусирани и на можностите за чешки инвестиции во земјава.

Во попладневните часови чешкиот премиер Бабиш заедно со вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе го посети граничниот премин Богородица.

Чешка испраќа свој полициски контингент на јужната граница од Републикава од февруари 2016 година за спречување на мигрансткиот бран. Досега низ чешкиот контингент во земјава минале над 1.000 полицајци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...