Откако социјалдемократите на внатрепартиски референдум се одлучија за учество во владата на АНО на Андреј Бабиш, која пред повеќе од шест месеци не доби доверба во парламентот, викендов најпосле се создадени сите услови за гласање доверба на новата влада во парламентот. Неа ќе ја сочинуваат избраници од движењето АНО и на Социјалдемократската партија, со поддршка при гласањето на пратениците од Комунистичката партија. Камен на сопнување беше и именувањето на социјалдемократот пратеник Мирослав Похе за министер за надворешни работи, кому, на крајот, лично претседателот Милош Земан, кој според чешкиот устав ја именува владата, му соопшти дека нема да го именува за министер, објаснувајќи ги причините за тоа. Земан неколкупати изјави дека во неговата одлука нема ништо лично.
Старо-новиот претседател на владата, милијардерот Андреј Бабиш, наскоро ќе излезе со нов состав на. Неговиот кабинет и ќе бара доверба од претставничкиот дом. Претседателот на социјалдемократите Јан Хамачек, пак, по постигнувањето на договорот со Бабиш рече: ”На оваа земја и треба функционална влада”. Досега владата функционираше како „влада во оставка”, бидејќи тоа го овозможува уставот на Чешка.
Со објавувањето на имињата на новите министри, сепак не се отфрли впечатокот дека социјалдемократите будно ќе го следат развојот на ситуацијата, сé до гласањето во парламентот. За да го деблокира формирањето на власта, нивниот лидер Хамачек прифати да извршува две министерски функции: за внатрешни и за надворешни работи. Самиот Хамачек рече дека ,,тоа сигурно не е решение за три години”, што упатува на тоа дека сака Чешка што побрзо да добие нов шеф на дипломатијата наместо сега номинираниот Похе. И тоа именување, се разбира, нема да помине без „амин” од претседателот Земан. Самиот Похе не ги изгубил сите надежи. Тој изјави дека состанокот во четири очи со претседателот Земан бил пријатен и дека од Земан не чул такви обвинувања какви што претходно изрече претседателскиот портпарол. Станува очигледно дека ,,случајот Похе” ќе остане отворен до 11 јули, кога Бабиш во парламентот ќе побара доверба за новиот состав на владата.
Нов министер за одбрана ќе биде досегашниот ,,прв полицаец” Љубомир Метнар. Изненадување претставува и номинирањето на менаџерот Марти Новак на чело на ресорот за индустрија и трговија.
За Бабиш, како што рече самиот, освен Похе, нема забелешки за предлозите на новите министри од партијата на Социјалдемократите.
На договорот за формирање нова, коалициона влада на Чешка, од опозициониот политички табор засега реагираше само Павел Белобрадек, лидер на Христиојанско-демократската унија, кој ги обвини премиерот Бабиш и претседателот Земан дека целата земја ја држат како заложник тврдоглаво обидувајќи се да наметнат една варијанта на влада против чијшто премиер се води кривична постапка.