Инфлацијата во еврозоната порасна на 1,5 отсто во февруари, а во јануари изнесуваше 1,4 отсто, додека невработеноста останува стабилна со 7,8 отсто, објави Евростат.
Инфлацијата е во согласност со очекувањата на аналитичарите, но стапката за невработеност е помала од консензуалната прогноза од 7,9 проценти.
Стапката на невработеност од 7,8 отсто во јануари и декември е на најниско ниво регистрирано во 19-те земји од Еврозоната од октомври 2008 година.
Во меѓувреме, 28-члената Европска унија регистрираше невработеност од 6,5 отсто во јануари и од 6,6 проценти во декември 2018 година. За споредба во јануари 2018 година невработеноста изнесуваше 7,2 отсто.
Чешка има најниска стапка на невработеност од 2,1 отсто во јануари оваа година, по што следи Германија со 3,2 проценти.
Во Шпанија е забележана највисока невработеност во јануари од 14,1 отсто, по што следи Италија со 10,5 проценти. Грција забележа највисока стапка на невработеност од 18,5 отсто во ноември.