Мора да се признае дека фантазијата и инвентивноста на македонското правосудство за правење маневри, скаламуции и салта-морталиња за време на судските рочишта кои се водат по предметите на СЈО ги надминува и најдобрите холивудски циркуски сценарија за мочање од смеење!
На пример, како што известија медиумите, вчера адвокатите на обвинетите во предметот „Тенк“ излегоа со фантастично комично барање за изземање на обвинителите од овој случај: нивната теорија е дека Катица Јанева, како граѓанин на Република Македонија, се јавува и како специјален јавен (државен) обвинител, но и како оштетена страна (затоа што е граѓанин на РМ и затоа што работата на СЈО се финансира со државни пари!) во кривично дело за кое обвинетите се товарат дека направиле штета врз буџетот на државата со набавката на блиндираниот мерцедес за близу 600.000 евра!? Во тоа тие гледаат конфликт на интереси (!) бидејќи „оштетеното“ СЈО не може да обезбеди објективни обвинители што ќе застапуваат неутрални правни интереси, за што мора да дојде до нивно изземање од процесот!
Хахахахахахахха, хихихихихих, хохохохохох… Неверојатно, но вистинито!
Значи, ајде што со ова барање би можело да се толкува дека самите адвокати на обвинетите признаваат дека е направена штета на државниот буџет пред да ја слушнат пресудата, со што се „посеруваат“ врз пресумпцијата на невиност на сопствените клиенти (!?), туку и самата логика на оваа најглупава од сите можни глупави одбранбени стратегии практично го застапува ставот дека, кога има штета врз државата, нема обвинител што може да го гони тоа дело од таа држава, бидејќи обвинителите се оштетена странка во процесот со оглед што се финансираат од државниот буџет кому му е направена штетата?! (Жалам, читајте сами, бидејќи и да сакам не би можел толкувањево да ви го повторам!)
Е, па, ова заслужува веднаш да се стави во учебници и да се учи на правен факултет! Со други зборови, логиката на адвокатите на одбраната е дека СЈО ќе мора да увезе колеги обвинители од странство – од Белизе, на пример – за да ја избегне состојбата на судир на интереси во процесите против обвинетите во кои се товарат за штета врз државниот буџет.
Во еден друг свеж случај од „корпусот“ на СЈО, пак, судијката нагло го прекинала судењето, бидејќи ненадејно ѝ јавиле дека член од нејзиното семејство се наоѓа во болница каде, наводно, му се доведени во прашање „сите витални функции“… Бидејќи нејзиниот сопруг, за кого наводно станувало збор, е еминентен македонски адвокат, разни луѓе загрижено се фатиле за телефони за да проверат што се случува. Констатирале дека навистина се работи за криза на „сите витални функции“, но најверојатно во пределот на препоните… Ненадејно го заболело да-не-кажам-што за судењето на жена му, по сè изгледа во договор со адвокатите на одбраната во тој случај.
Значи, јасно е дека во најголемиот број процеси на СЈО, одбраните ги фаќа прилична паника за правосудната судбина на своите странки, па не се штедат циркузијади и трикови за купување време, за одлагање на рочиштата, за притисоци врз судиите, но и за забава на јавноста.
Не велам дека таа стратегија не е легитимна: луѓето си се борат, исправени пред доказите, да ја докажат својата невиност и да останат на слобода. Тоа е суштината на концептот на правната држава.
Но, овие, нашиве, играат и на една друга карта: се надеваат дека Македонија идната пролет ќе оди на предвремени парламентарни избори, дека оваа власт (сигурно!) ќе падне и дека повторно тие би се вратиле во државните кабинети во кои Сваровски беше синоним за разделување судска правда. Односно, дека воспоставената правна држава ќе остане како една грда епизода зад нив, на која ѝ се броени деновите до нивното повторно враќање на власт.
А, си велам, сепак, да си побараат подобри адвокати со време? Или барем да одат на нагодба за признавање вина со СЈО? Тоа, некако, ми звучи како подобра стратегија од очајничката надеж дека магарето нема да им приумре до зелената судска трева.
Извор: Цивил медиа