Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин денеска изјави дека ниту ВАР технологијата немало да го промени исходот на натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите меѓу Реал Мадрид и Јувентус.
Јувентус беше елиминиран од Реал Мадрид со гол од пенал на Кристијано Роналдо во 93. минута, на што претходеше спорен пенал за шпанскиот тим.
– Не можеме да воведеме ВАР систем во тек на натпреварувањето. Но и да го имаше, немаше ништо да се смени на средбата во Мадрид. Некои снимката ја гледаа 20 пати, јас сигурно преку 50 и повторно, дел кажуваат беше пенал, дел не се согласуваат со одлуката на судијата, истакна Чеферин.
Според него, капитенот на Јувентус Џанлуиџи Буфон не постапил на најдобар начин кон судијата Мајкл Оливер со изјавата дека наместо срце има канта ѓубре.
– Буфон не беше во право. Тој не требаше така да постапи. Сепак, ја разбирам неговата фрустрација и разочарување, рече Чеферин.
Првиот човек на УЕФА потврди дека има шанса ВАР да се користи во ЛШ од сезоната 2019/20.