Четири пожари беснеат во моментов во Кавадаречко, од Територијалната противпожарна единица Кавадарци ја потврдија информацијата за МИА.
– Гори над селото Ваташа, таму има две наши и една екипа од „Македонски шуми“. По една наша екипа гасне и кај Фариш и Росоман. Пламените јазици се движат кон првите росомански куќи. Под ридот Љубаш кој се смета за бели дробови на Кавадарци, интервенираат од „Македонски шуми“ – нагласи Александар Чадамов, командир на единицата.
Додаде дека активни им се сите расположливи ресурси, интервенираат дваесетина лица, а во гаснењето учествуваат и пожарникари кои не се на смена.
Апелира за подигнување на еколошката свест кај населението, со цел да нема пожари и штети.
Петко Ристовски од „Македонски шуми“ посочи дека континуирано има многу пожари во регионот. Апелира на внимателност затоа што сувата трева е како барут.