Четворица роднини на обвинетите во „27 април“ бараат правда кај омбудсманот

Мемети вели дека ќе ја разгледа правната регулатива и Народниот правобранител ќе изнесе свое мислење за конкретниот случај кое ќе биде доставено до засегнатите страни.

366

Четворица роднини на обвинетите за настаните од 27 април 2017 година, кои во петокот беа осудени со првостепена пресуда, денеска поднесоа претставки до Народниот правобранител во кои бараат заштита на нивните права, потврди за Плусинфо омбудсманот Иџет Мемети.

– Нивната забелешка е дека во нивните случаеви е повредено правото во процесот, односно во текот на постапката, со тоа што тие сметаат дека согласно ЗКП не можело да се утврди мерка притвор, сѐ додека трае мерката гаранција со имот и оти судечкиот совет им ги прекршил правата бидејќи тие во моментов имаат два судски акта со две различни мерки за обезбедување присуство. Тоа се мерката притвор и мерката гаранција. Согласно законот едната ја исклучува другата. Тоа е едната забелешка на роднините – вели Мемети.

Втора работа на која се пожалиле роднините кај Народниот правобранител е тоа што од моментот на објавување на пресудата, до моментот на изрекување на мерката притвор, судечкиот совет им ја ограничил слободата на движење на обвинетите. Тие сметаат дека без судски акт им било забрането да го напуштат судот.

Народниот правобранител Мемети вели дека ќе ја разгледа правната регулатива и ќе изнесе свое мислење за конкретниот случај кое ќе биде доставено до засегнатите страни.

Писмена реакција во јавноста викендов објавија и адвокатите на обвинетите кои реагираа на притворот наведувајќи дека судот го игнорира фактот дека осудените имаат доставено и високи гаранции кои се двиажат и повеќе од  600.000 евра за да се бранат од слобода.

Тие наведуваат дека одлуката на судот е во спротивност со одредбата од член 144 став 2 од ЗКП, според која судијата кон обвинетиот истовремено може да определи повеќе мерки, освен мерката притвор.

Бранителите во реакцијата до јавноста потсетија и дека во Законот за кривична постапка точно се определени условите кога веќе еднаш уважената гаранција може да пропадне или да се врати на обвинетиот. Гаранцијата ќе пропадне и на обвинетиот ќе му се определи притвор ако не дојде на уредно доставената покана и за тоа не го оправда изостанокот, ако побегне и ако го повтори или доврши кривичното дело или го стори кривичното дело со кое се заканува.

Реакцијата на адвокатите и на блиските на осудените е насочена спрема судијката Добрила Кацарска, за која велат дека кога ја донела одлуката за притвор, не ја уважила гаранцијата, која има правна основа и е прифатена од Апелацискиот суд.

За настаните на 27 април во македонскиот парламент осудени се 16 лица со вкупна затворска казна од 211 години. Највисока затворска казна од 18 години доби Митко Чаков, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, кој е еден од обвинетите кој има доставено и највисока гаранција.

Бранителите потсетуваат дека дел од обвинетите додека траеше судскиот процес беа пуштени да се бранат од слобда со гаранции кои беа прифатени не само од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, туку истите беа и потврдени и од страна на Апелациониот суд Скопје.

„За овие обвинети за кои беше определена гаранција, судијката Кацарска при донесување на решенијата за определување на мерка притвор, намерно или случајно ја заборави изречената гаранција. Така во донесените решенија за притвор таа вопшто не беше спомената па така сега имаме ситуација во притвор да се наоѓаат обвинети на кои истовремено од Апелациоски суд им уважи висока гаранција (на некои дури и до 800.000 евра) за да се бранат од слобода, која сѐ уште е во правна сила“, тврдат адвокатите во реакцијата до јавноста.

Тие оценуваат дека станува збор за преседан во македонскиот правен систем, нешто што не е дозволено согласно одредбите од ЗКП, па затоа и никогаш не се случило до сега во македонското судство.

„Ама се случи во овој судски процес некој да биде притворен, а притворот дури и му се гарантира со гаранција од неколку стотици илјади евра, навистина чудно, за правната фела неразбирливо“, се вели во реакцијата на бранителите кои се навраќаат на случајот со обвинетиот Сеад Кочан во ,,Труст“ кој имал уважена гаранција и кога првостепениот суд го осуди на казна затвор од 6 години Кочан не беше спроведен во притвор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...