Претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери упатја честитки до припадниците на албанската етничка заедница во Македонија по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
– Почитувањето и вреднувањето на меѓусебните разлики е она што нѐ зближува, обединува и нѐ прави единствени во справувањето со предизвиците. Затоа, во оваа прилика, сакам на албанската етничка заедница да ѝ го честитам Денот на азбуката, а на сите граѓани на Р.С. Македонија да им порачам дека вистинскиот пат на градење на европска држава се почитта, соработката и заедништвото. Нека ни е честит 22 Ноември – Денот на албанската азбука, се истакнува во честитката на претседателот Пендаровски.
Заев денеска на својот профил на Фејсбук објави видео честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Р.С. Македонија по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
– Заедно растеме, учиме, се развиваме, 111 години. Честит Ден на албанската азбука!, напиша Заев.
Претседателот на Собранието Џафери во свое и во име на пратениците го честита празникот.
– Ви посакувам да го поминете во убава и свечена атмосфера, така како што и доликува на празник кој што ја слави азбуката, јазикот и писменоста и воопшто убавиот збор како највисока цивилизациска вредност на човештвото. Јазикот, обединува луѓе, обединува идеи и овозможува соработка и се разбира напредок и развој за секој поединец индивидуално и за општеството и човештвото во целина. Нека убавиот збор биде водилка низ нашите животи, вели Џафери во честитката.