Чесни и нечесни

Кога се решава важно прашање во државата, мора човек да биде тотална битанга или тотален циник за да изигрува „неутралец“ – или да глуми лудило дека ние сме „над ситуацијата“.

520

Тешка работа е меѓу Јужните Словени да ти се случи да бидеш почитуван или, не дај боже сакан, таму де, во соседното племе, иноверното, она де, преку планината, или преку реката, или таму некаде, во секој случај „таму другаде“. Секој човек во нашите мизерни племиња одгледа цела една класа на штеточини и паразити што живеат од глодање на „чистата нација“, не само во онаа крвна туку можеби повеќе во онаа „идејна“ смисла: на иноверниот можеби и ќе му го простат (и онака вродено и небирано) „туѓинство“, ама на „соплеменикот“ нема никогаш да му го простат тоа затоа што „не мисли племенски“. А, притоа, себе-и-само-себе се овластиле за проценување и одделување на исправното мислење – тоа мислење што тебе те прави патриот – од оној погрешниот, од она кое од тебе прави предавник.

Накратко, таа гротескна, ама во грозни времиња никако безопасна екипа што живее од параинтелектуалното „керберство“, односно, од разни форми на симболичка – ама и од сосема опиплива – наплата на „патриотскиот рекет“. А кога таквите ќе те прогласат за легитимна цел, облекувај, пријателе, кожени гаќи. Светислав Басара опиша една „анегдота“ во која некаков безвезен уличен ебиветар му дофрлал дека е „усташ“. Немојте да се лажеме: неписмениот и уличен џган не доаѓа сам до таквите „револуционерни“ откритија; на тоа, завиено или директно, го инспирираат токму оние сеприсутни – да го парафразирам големиот Игор Мандиќ – „цариници на духот“.

Гласот на Јанчев

Од друга страна, сево ова сум го доживеал на своја кожа: механизмот и логиката на дифамација секаде и секогаш е иста: оној на кој им чини „ним“, не може да ни чини „нам“, што значи дека консеквентно ни сторил нешто лошо „нам“. Оти не може, нели, нештото да биде добро за сите, ете, тукутака, затоа што е етички исправо и „добро по себе“, затоа што е во склад со извесните универзални етички начела. Оти светот, според „нашето“ сфаќање не може да биде нешто друго освен бојно поле во кое сите ние ќе настапуваме како шаховски фигури, а меѓу шаховските фигури се знае: или се црни, или се бели, и не можат да прават ништо друго освен да се борат за својата страна (според непишаните правила на Демијург кој ги помрднува), сè додека не изгинат.

Можеби намирисавте: поводот за овие филозофирања и ламентации е веста дека Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци, признат стопанственик и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, е единствениот човек што јасно и гласно кажа дека не се сложува со ставот на партијата, сметајќи дека треба да се дадат јасни смерници за излез на референдумот и да се даде сопствен глас. Ако ова беше време на груевистите (а, фала му на Бога не е), Митко Јанчев уште другиот ден ќе го распнеа на „јаворот“ во Кавадарци, потоа ќе го черечеа на сите парадржавни медиуми, и сè така по ред; бидејќи ова време не е повеќе времето на Груевски, претпоставувам – барем додека ги испишувам овие зборови – нема да се случат никакви експлицитни реакции, освен можеби на „сајбер“ местата во кои обично се собираат живописни маргиналци и екстремисти-на-екстремистите; но тоа не значи дека нема да се случи нешто друго: шуплива, злобна и подмолна филистарска омраза завиена во вообичаена демагошка обланда.

И, можеби, никој тоа нема јасно да го каже, ама сите ќе знаат што сака „писателот“ да ни каже: дали самиот факт што чесните кавадарчани се „за“ референдумот, а нечесните се сите оние граѓани на Скопје кои го опструираат и го бојкотираат референдумот? Или уште попросто кажано: тие што не сакаат излезност на референдумот, за нив нема потреба од повеќе коментар. Тие секако се нерелевантни.

Џуџето Мицкоски

Да бидам искрен, многу ме воодушеви ставот на Митко Јанчев, а во оваа работа не сум непристрасен, ниту сакам да бидaм нешто друго. Го познавам Митко Јанчев, го сметам за мој пријател, го сметам за одличен градоначалник, иако „приватно“ и „фамилијарно“ всушност не се дружиме. Луѓе сме со различни темпераменти. Знам по нешто за неговата работа од приватниот сектор, а за неговата денешна јавна функција знам речиси сè. Но крупната и важна работа што двајцата нè поврзува е – европската и прогресивната иднина на Македонија. Дури, тврдам, Митко Јанчев сите овие години се наоѓаше на добрата страна на земјата Македонија. Не, таа страна не е етничка или географска, ама во некои извесни ситуации може да се каже и така. Да речеме, кога се решава важно прашање во државата, мора човек да биде тотална битанга или тотален циник за да изигрува „неутралец“ – или да глуми лудило дека ние сме „над ситуацијата“.

Ете, затоа Митко Јанчев ќе биде голем, далеку поголем од „моралното“ џуџе Мицкоски. Затоа што човекот излезе и кажа: виде оган и рече дека „гори“; второ, затоа што добро виде од каде доаѓа огнот и кој и како треба да го гаси и, трето, кажа принципиелен став дека треба да се гласа на претстојниот референдум. Кога ќе погледате, почитувани, тоа и не е многу, ама во политиката тоа е сè. И, добро, до кога Јанчев ќе предводи и ќе работи така чесно? Па, претпоставувам, додека на другиот брег се наоѓаат нечесните.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...