Черечење на зборот и мислата

Ако влеземе во парламентот, во телевизиските студија, во кафеанските ќумези, па дури и во дел од институциите кои носат некаков културен предзнак, ќе мора да се засрамиме и да прашаме, дали сме ние навистина потомците Климентови, на Миладиновци, на Жинзифов, Шапкарев, на Мисирков, на Рацина и Конески.

375

Во нашата домаша библиотека имавме две книги. Некаква песнарица, без корици и една ептен испарталена, на чии страици се претскажваа судбините. Подоцна книжниот фонд ни се збогати со „Крпен живот“ и „Калеш Анѓа“ на Стале Попов. Мајка ми, не ги испушташе од рака. Имаше завршено само трето одделение во, некогаш, „престижниот“ странски (српски) „колеџ“ во Богомила.

Татко ми, главно, ја прелистуваше книгата за вересии од задружната продавница. Педантно ги бележеше, но потоа тешко му беше да ги прочита нивните имиња, зашто буквите при пишувањето му покажуваа крајна недисциплина. Распалавено беа разбегани по страниците на дебелиот „алваџиски“ тефтер. Впрочем, како и должниците.

Тетка ми Велика Дудеска, пак, ниту знаеше да чита, ниту да пишува. А мислев дека сите мудрости се беа збрале во нејзината глава. Кога зборуваше, чиниш музика и се излеваше од грлото. Жива книга со лирика. Кога сакаше да каже дека соседите направиле куќа со голем, простран чардак, ќе речеше „чардакот им е ат да врши“.

Зборовите не ги изговараше како другите. Ги везеше. Немаше ниту грам училишно образование, а имаше дарба да создава уметност со зборови, букви и гласови. Да ги голташ. Се лепеа како медовина во увото.

И сега, по толку години, убеден сум дека во селото не беше само таа со чувство за милозвучие на зборот. Оној, мајчиниот, најкаратниот, што детето го слуша, го впива и разбира уште додека е во нејзината утроба. А потоа, само што ќе дојде на свет, низ плач го гласи тоа богатство, вековно создавано.

Ќе речете, која е логиката за оваа долга ментална масажа?

Овојпат, зборот не ми беше за друго, туку исклучиво за зборот. За јазикот, оној, што ние го казнуваме. Го сакатиме. Го черечиме. А велиме, злато вреди.

Читам текст, токму денес, од кој желудникот мора да ви се преврти поради изразниот примитивизам на авторот кој, за наша и негова несреќа, вели дека е од фелата на македонскиот журнализам.

Колку одвратно прозвучува дрскоста да се презентира таква вокабуларна бледост. Мисловен примитивизам. А катадневно повторуваме дека јазикот ни е заветно богатство. Гласиме дека зборот, јазикот, се нашиот основен знак по кој нѐ препознаваат. Со него го втиснуваме на овој цивилизациски небесвод белегот на нашето национално постоење.

Зборот е уметност. Има своја содржина, своја музика и своја порака.

Да не ја шириме приказнава. Зашто ако влеземе во парламентот, во телевизиските студија, во кафеанските ќумези, па дури и во дел од институциите кои носат некаков културен предзнак, ќе мора да се засрамиме и да прашаме, дали сме ние навистина потомците Климентови, на Миладиновци, на Жинзифов, Шапкарев, на Мисирков, на Рацина и Конески. На култниот наш предок, свети Јоаким Осоговски, кој уште во оние дамнешни времиња носел со товари книги за манастирската библиотека – да четат, да учат децата. Да научат да мислат и да зборуваат. Зборот е најпрефинетиот вез на мислата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...