Ченто: Вратете ме во Шутка, во ваква држава чест е да бидете во затвор

2946

Нема да барам да ми даде куќен притвор или друга мерка, бидејќи моите браќа се во затворот во Шутка, неправедно држени во притвор повеќе од 11 месеци. Жалбата, свесен сум, дека секако ќе ми ја одбиете. Вратете ме во Шутка бидејќи во ваква држава чест е да бидете во затвор во вакво време, рече Јане Ченто на јавната седница на која се разгледуваше неговата жалба за продолжување на притворот за случајот 27 април во кој тој е еден од обвинетите.

Тој се пожали на селективна правда, рече дека по кој знае кој пат му се продолжува притворот без никакви аргументи и со копирани решенија и иста терминологија од претходните продолжувања на мерката притвор како и решенијата за другите обвинети.

– Како правник и граѓанин чувствувам селективна правда – рече Ченто.

Судиите од Апелација го прекинаа неговото излагање во два наврати потенцирајќи му да се држи до она што е напишано во решението со кое му се продолжува притворот.

Инаку Ченто имаше поднесено и гаранција од над 500.000 евра дека нема да избега, но ниту таа не му беше прифатена, па тој остана во затвор.

Неговата адвокатка Валентина Тодоровска на денешната седница во второстепениот суд рече дека останува на тоа што го напишала во жалбата и потенцираше дека решението за продолжување на притворот е паушално и нејасно, дека во него само се наведува дека постоеле оправдани причини како степенот на кривична одговорност и висината на запретената казна.

Од друга страна според мислењето на вишото јавно обвинителство кое го испратиле до Апелација, жалбата на Ченто и одбраната треба да се одбие како неоснована.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...