Во грчкиот печат се наведуваат чекорите кои треба да уследат откако ќе се постигне начелниот договор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Договорот прво ќе треба да се ратификува во македонскиот парламент. Ако претседателот Ѓорге Иванов одбие да го потпише Договорот, како што се очекува, веднаш треба да уследи второ гласање.
Атинскиот весник Еифемерида и Радиото 24/7 објавуваат детаљи од договорот кој меѓудругото предвидува и измена на македонскиот Устав.
– Грчката влада со писмо ќе ги информира ЕУ и НАТО дека охрабрува почеток на преговори со ЕУ и добивање покана за членство во Алијансата, откако ќе се извршат уставни промени.
– На Советот на министри за надворешни работи на ЕУ и на Самитот на ЕУ Грција ќе бара да ѝ биде даден позитивен сигнал на Македонија, и покрај противењето на Франција и Холандија, но со поддршка на Германија.
– На НАТО самитот на 11 јули во Брисел, Република Северна Македонија ќе добие покана за членство во НАТО која ќе зависи од уставната ревизија.
– Македонскиот премиер Заев со писмо ќе ги информира 190 земји членки на ОН дека земјата во иднина ќе го користи името Република Северна Македонија во билатералните односи и во меѓународните форуми.
Во периодот од јули до октомври македонската влада треба да организира референдум и ако резултатот е позитивен, ќе се продолжи со уставна ревизија. Доколку резултатот е негативен, планот „Б“ е да се свикаат предвремени парламентарни избори кои во истовреме ќе бидат и своевиден референдум за името.
Откако Скопје ќе го комплетира целиот процес, договорот ќе треба да биде ратификуван од грчкиот парламент, а во истовреме ќе се изврши и ратификацијата за членството на земјата во НАТО.
По разговорот на Заев и Нимиц, кој е закажан за денеска попладне, Ципрас ќе ги информира лидерите на политичките партии во земјата и претседателот Прокопис Павлопулос. Тој ќе објави проглас за договорот кој ќе го потпишат со Заев во Преспа, најверојатно во текот на претстојниот викенд.