Чекајќи ја Андреа (ФОТО)

633

Во очекувањето на бурата „Андреа“ која, според прогнозите, се очекува деновиве во Македонија, кризниот штаб спроведе вонредно чистење на сливниците и шахтите во Скопје.

Екипите на „Водовод и канализација“ ги исчистија сливниците од коловозите и критичните точки низ градот, а екипите на ЈП „Улици и патишта“ машински ги чистеа главните одводни канали во Скопје. Каналите се чистат за да се обезбеди непречен проток на водата од евентуалните обилни врнежи на дожд.

Според најавите, бурата „Андреа“ што се очекува во наредните денови да го зафати регионот може да донесе обилни врнежи со количина од 50 до 80 литри на квадратен метар.

На состанокот во Град Скопје, со кој што вчера претседаваше Душко Весковски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ беа координирани активностите и се поделија обврските меѓу јавните претпријатија, противпожарната бригада, инспекциските служби и преостанатите општини и државни институции.

Кризниот штаб на Град Скопје апелира да се исклучат пумпите на градежните јами, а граѓаните да ги пријавуваат проблемите на 193 и да не паркираат под дрвореди и во близина на одводните канали. Дополнително, им се посочува на граѓаните, во случај на електрични празнења да не престојуваат на отворен простор и под осамени дрвја.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...