Радикализацијата во денешно време започнува со инјектирање омраза во јавниот дискурс, преку медиумите и социјалните мрежи. Комуникацијата престанува, а тоа што на некои институционални или семиинституционални нивоа се одвива некаков квази дијалог е само параван зад кој се крие отсуството на вистински демократски процеси и – уште повеќе – отсуство на владеење на правото. Последен пример за тоа беше неуспешната серија Лидерски средби на која ВМРО-ДПМНЕ успеа да купи време за оние што ги штити, а Македонија изгуби драгоцено време за исполнување на преземените обврски на меѓународно и национално ниво.
Монструозниот речник на лумпен коментаторите и политикантите во јавноста и медиумите е потхранет со квази интелектуални и квази новинарски прилози, анализи и пораки што се негуваат во дел од редакциите, некои составени само од еден човек, но некои што се финансиски прилично моќни. Тие се платени од долгите години владини реклами и од бизнис центри поврзани со политичките и криминалните структури на моќ чии линкови со странските центри на исток станаа многу очигледни.
Само мал пример… Кон креирање на тензиите во општеството придонесува и возбудениот, треперлив глас на новинарката што прави прилог за минорен царински (земјоделски) проблем со соседна држава, небаре известува од боиштата во Сирија. А потоа на програмата оди руска ТВ сапуница… Нема потреба од којзнае каква интелигенција да се открие шемата. Едноставна е.
Ќе мора да повториме безброј пати дека институциите, особено Основното јавно обвинителство, МВР и судовите, имаат обврска да се грижат за законитоста и да ги санкционираат поединците и структурите што секојдневно извршуваат кривични дела, прецизно и јасно дефинирани во Кривичниот законик. Ако јавноста се навикнала на радикалниот речник и црната кампања, не значи дека законот треба да се занемари. Ќе го повторуваме ова до моментот кога ќе видиме дека правдата и судството профункционирале.
„Остави ги, никој не им верува и онака“ – може да биде став на друштво во кафеана, но тие чија професија е заштита на законот, платена од буџетот на граѓанките и граѓаните, мораат да си ја вршат работата. Ако не реагира Јавниот обвинител за кој предупредувавме дека бил безгласен (колаборационист) во ерата на корупција и насилие на режимот на Груевски, тоа значи дека ништо не се променило. Македонското судство може да се „пофали“ со пресуда за прекршок за навредлив пост на Фејсбук за турскиот диктатор Ердоган, а не функционира кога низ медиумите, социјалните мрежи и улиците дивее етничката, верската и националистичката омраза што ја дестабилизираат земјата и го разградуваат и онака полураспаднатото општество.
За кои човекови права и слободи можеме да говориме тука? На какво владеење на правото можеме да сметаме? Каде е тука демократијата?
Безброј пати повторуван повик на насилство врз етничка, верска или друга основа, на крајот го дели општеството, влева страв и води кон екстремно насилство со трагични последици. Тие потоа поттикнуваат уште омраза и насилство и сѐ така во надолна спирала од која излезот е тежок, а за многумина невозможен. Треба ли да нацртаме за да биде појасно?
Не е демократија кога се обидуваме да бидеме крајно коректни кон кампањи кои се вон законот и спротивни на сите демократски стандарди, а кои притоа се придружени од невиден говор на омраза. Мака мачиме да го одбраниме правото на слободно изразување на мислата од онлајн кербери што навредуваат, се закануваат и буквално повикуваат на истребување.
Владата има сериозни обврски. Неприфатливо оправдание е декларираната потреба од политички дијалог, а да го занемари ризикот по достоинството и животот на бранителите на човековите права. Особено кога политичкиот дијалог го минираат токму оние што ѝ нанесуваат штети на целата земја и имаат сомнителни врски со странски шпионски центри.
Нема оправдание ни во ставот дека судството е независно и не смее да се меша со политиката. Секако, судството мора да биде независно. Но, што се случува кога судството нема допирни точки со владеењето на правото и „независно“ ги толерира криминалците? Што треба да направи обвинителството кога судот земал предвид дека некој се извинил за даночна измама во судницата, а потоа во јавноста со цинична насмевка изјавува дека не се чувствува виновен/виновна и дека извинувањето имало цел да се ослободи од прогонот? Ајде да го проголтаме и тоа, како и многу други кнедли во изминатата година на надеж и очекувања. Но, што треба обвинителството да направи кога некој колне, навредува и повикува на истребување?
Веројатно, треба повторно да се сетиме дека правосудството е независно и дека никој не смее да влијае на него. И да чекаме до следниот бран на насилства.