Чекајќи го Годо на одговорноста

3857

Поспора (пред)истрага, за поитно прашање, какво што е ова за бегството на Груевски, не сум чул дека е негде водена во светот! Почнувам да се сомневам дека е пореално да се очекува Груевски да ни го испорачаат, некогаш, назад од Унгарија, одошто, некогаш, ќе да чуеме од истрагата како побегна од земјава…

Или можеби јас сум гледал погрешни холивудски филмови?!

Дали истрагата не се развлекува за да се успори, одложи, подзаборави прашањето за одговорноста за бегството на Груевски? Не верувам, бидејќи тоа би било исклучително глупава политичка стратегија, доколку некој така ја смислил.

Како и да го завртат Заев, Спасовски и СДСМ, кога-тогаш, за ова ќе си се плати политичка сметка: може сега, со некоја смена и оставка; а може и на избори, со голема смена и без оставки. На пазарот на политиката, кога ги одлагаш работите, паѓа квалитетот на производот, но расте цената. Во моментов, кредибилитетот на Владата (и не само по ова прашање) е како на есенска распродажба во полупразен дуќан: нема многу купувачи за робата што се нуди, дури и на попуст.

Од друга страна, добро е што сегашната власт, пак, не се избрзува со жолти-комбиња-прес-конференции, бидејќи тоа е оној „природен“ порив кај секоја власт, кога ќе ја фатат со „спуштени гаќи“ да мисли дека може да ја врати контролата врз случувањата со спектакуларни прикаски во кои лагите ќе изгледаат како полувистини, а полувистините како да се сосема втемелени на факти. „Кратките опашки“ на тие пропагандни вртлози имавме шанса да видиме до каде ја потонаа претходната власт.

Но, и без да ни ги соопштат, еден убав ден, спектакуларните наоди од истрагата, и сега е јасно дека за бегството на Груевски да можело да се случи, требало да потфрли целиот државен систем! Политичари, судии, обвинители, полицајци, разузнавачи, контра-разузнавачи, граничари, судски поштари и задолжени за односи со јавност, сета таа Толстоевска булумента од надлежни бирократи беше фатена „на спиење“, вешто издриблана од некој кој точно знаел кој на кое уво спие и за што ќе се прави ненадлежен. Не знам кој ќе настрада од скандалов, ама ќе биде штета да остане нечепнат целиот овој систем од ам-шо-знам-ам-од-кај-знам однесување во кој одговорноста во работата е како распаран ластик на износени шалвари, мислиш држи, а всушност газот ти се гледа.

Баш ме интересира дали Груевски сам го смислил планот за бегство?! Признавам, ќе му порасне цената во моите очи, бидејќи и сега не верувам дека човек со така очајна смисла за хумор би можел така успешно да се пошегува со сите нас!

Жива среќа за власта што е опозицијава тотално неупотреблива, здодевна како варен компир, па не претставува сериозен предизвик за која било, па дури и ваква, полуспособна влада на СДСМ. На кого таму му текнало, жити сè, дека на почеток од зимава треба да тргнат со масовни протести што ќе предизвикале „револуција“ за рушење на сегашната власт?! Арно после се испостави дека протестите немало да бидат секојдневни, туку секоја втора среда; не мора да бидат ни масовни, бидејќи одвај се собраа протестанти и за првиов марш; а и дека намерата за „револуција“ треба повеќе да се сфати како говорничка метафора на промрзнатиот лидер, бидејќи, сепак, ќе се чекале избори за да се порази власта…

Уште многу фурни опозициски леб треба да изедат за да научат како се прави „Шарена револуција“.

Извор: Цивил медиа

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...