Ризикот од колапс на човештвото од нуклеарно оружје и климатската криза е на рекордно ниво, оценија американски научници и поранешни официјални претставници, нарекувајќи ја сегашната околина „длабоко нестабилна“.
Тие велат дека зголемувањето на „кампањите за дезинформација овозможени преку интернет“ ги обединува двете закани со тоа што ја оневозможува јавноста да инсистира на напредок, објави „Гардијан“.
Билтенот на нуклеарните научници го подеси својот симболичен „часовник на Судниот ден“ на 100 секунди до полноќ, најблизу до катастрофа откако научниците го „мерат“ ризикот за светот од неговото создавање во 1947 година, на почетокот на Студената војна. Откако научниците во 2020 година го поместија часовникот за 20 секунди, сега е на 100 секунди до нуклеарна полноќ.
Часовниот на Судниот ден првпат се појави на насловната страна на Билтенот на нуклеарни научници во 1947 година. Времето оставено до полноќ ги симболизира тензиите во меѓународната ситуација, а полноќ значи момент на нуклеарна катаклизма. Во последниве години, стрелките се поместуваат само нанапред.
– Сега е на 100 секунди до полноќ. Изразуваме колку е светот близу до катастрофата, во секунди – не во часови, па дури ниту во минути. Ова е најблиското време до Судниот ден во историјата на Часовникот на Страшниот суд – рече шефицата на Билтенот на атомски научници Рејчел Бронсон.
Поранешниот генерален секретар на ООН Бан Ки-мун присуствуваше на церемонијата на демонстрација на времето преостанато за реакција.
Говорејќи за време на церемонијата, Бронсон додаде дека во текот на изминатите две години „влијателни лидери“ ги уништуваат најефикасните методи за спречување закани – меѓународни договори со строги контролни режими.
– Ние брзо го губиме постигнатото на нуклеарно поле, а последните настани само докажуваат дека сме на 100 секунди до полноќ – рече Шарон Скасони, професорка на Институтот за меѓународна политика во науката и технологијата.
Поконкретно, таа го спомена повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран и последователното постепено оддалечување на Техеран од преземените обврски, па се до неодамнешната изјава дека Иран повеќе не се чувствува обврзан со договорот.
Таа, исто така, го спомна и договорот за неширење на нуклеарно оружје од кој се повлече САД, но и недостигот на напредок во денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров.
Во 2018 и 2019 година, часовникот на Судниот ден беше подесен на околу две минути пред полноќ. Исто време мереше и во 1953 година по првиот тест на водородна (хидрогенска) бомба. Најмирно време беше 1991 година, кога стрелките беа оддалечени на 17 минути од нуклеарната катастрофа.