Чадеж и Азески на чело на Коморскиот инвестициски форум

193

Претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж е избран за претседател, а претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески за заменик-претседател на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ) со седиште во Трст.

Мандатот на Чадеж и Азески ќе биде четири години.

– Изборот на двоецот Чадеж – Азески е нов предизвик и нова можност да се разигра регионалниот пазар и со тоа да им се помогне на компаниите да ги искористат можностите и средствата предвидени во рамките на „Берлинскиот процес“. Македонските компании со ова добиваат нова можност да се вклучат во проектите на Европската унија кои се поврзани со заедничкиот настап на трети пазари, за создавање регионални синџири на производство и забрзување на протокот на стоки и услуги, прашања кои до сега беа сериозен проблем за зголемување на трговската размена, велат од Стопанската комора на Македонија.

КИФ е основан во 2015 година, како резултат на имплементацијата на заклучоците од „Берлинскиот процес“ што почна под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел. Во јули 2017 година, за време на Самитот за Западен Балкан во Трст, Коморскиот инвестициски форум основаше Генерален секретаријат со седиште во Трст, Италија, а од крајот на годинава, планирано е да биде отворено и оперативно седиште на Коморскиот инвестициски форум во Подгорица, Црна Гора.

Целта на КИФ е да овозможи поефикасно вклучување на бизнис заедницата од регионот во имплементација на проектите кои се од важност за неговиот економски просперитет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...