Поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, не поднел барање за амнестија – потврди неговиот адвокат Сашко Дуковски во изјава за медиумите, кој смета дека станува збор за селективна амнестија.
Бројот на барања за амнестија се искачил за уште две кои стигнале во Одделот за организиран криминал и корупција каде до вчера бројката изнесуваше 27.
Досега, вкупниот број на барања и во одделот за организиран криминал и во одделот за кривично полнолетни изнесува 64.
Тоа значи дека ретко кој не барал амнестија, со оглед на тоа што бројот на опфатени лица во сите предмети поврзани со 27 април изнесува околу 70.
Од Кривичниот суд не соопштуваат имиња, но во јавноста се познати најголемиот број на оние кои не сакаат амнестија. Јане Ченто испратил писмена изјава дека нема да бара амнестија, истото во судница пред неколку рочишта го кажа и Игор Југ, а пејачот Игор Дурловски вчера на Фејсбук објави дека и тој нема да поднесе барање. Листата од оние кои не побарале амнестија ја дополнува и Душко Лазаров од МВР чија одбрана вчера за дел од медиумите потврди дека и тој нема да бара амнестија.
На почетокот на денешното рочиште за предметот за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста судијката Добрила Кацарска кажа дека се уште не се знае кој ќе одлучува за барањата. Вчера таа во изјави за медиумите посочи дека таа не треба да одлучува за амнестијата затоа што е судечки судија во предметот за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и ако таа на пример донесе одлука, а повисокиот суд ја укине, би значело дека прејудицира одлука односно пресуда.
Претседателот на судот, пак, Иван Џолев, вчера на брифинг со новинарите рече дека неговиот став е оти во трковни пррдмети како овој, одлуката треба да ја носи судечкиот совет на чело со Кацарска, а не Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1. Ваквиот став Џолев го појаснува со тоа дека на таков начин Кривичниот совет нема да му се меша и да прави упад во работата на судечкиот совет во предметот бидејќи, тој од друга страна е и упатен во тоа за кои дејствија се товарат обвинетите затоа што во законот описно е наведено кој не треба да добие амнестија.