Чавков: Ме понижуваа со сликање во затвор и во судница со лисици на рацете

2395

Поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков е првиот од обвинетите во случајот за 27 април кој во судница ги кажува неговите завршни зборови. Пред него на изминатите неколку рочишта тоа го сторија обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчевска, како и адвокатите на сите обвинети.

– Долго размислував дали воопшто да дадам завршен збор или да останам на она што го кажа мојот адвокат – започна Чавков кој неговата одбрана ја даде делејќи ја на два дела, на тоа што се случувало надвор од судницата и на тоа што се случуваше внатре односно на доказите кои беа изведувани.

Чавков забележа дека обвинителството не требало да води посебни случаи туку една и единствена предистражна постапка за 27 април.

– Вистината за 27 април е една и не може да се склопи како мозаик од парцијални истраги – рече обвинетиот.

Тој во неговиот завршен збор зборуваше дека имало големи притисоци и очекувања од јавноста за расветлување на овој случај, а ги посочи политичките противници со нивните изјави во медиумите и одредени медиумски анализи кои преудицирале негова вина. Како пример ги наведе написите со извештаи од ПИ мерките и тоа дека неговиот телефон бил „фатен” на базните станици кај ВМРО-ДПМНЕ, како и објавите со сегменти од сведочењето на загрозениот сведок.

– Целта беше формирање јавно мислење за моја јавна стигматизација – рече Чавков.

Тој кажа дека биле очекувани тенденциите против него од криминалното подземје бидејќи 30 години е дел од полицијата и се бори против нив, но оти не може да ги сфати тенденциите за политички реваншизам.

– Ако во 2002 година со промената на власта цело семејство бевме раздели со распоредување низ различни места на работа, сега бев лишен од слобода- рече Чавков.

Тој како примери за неправеден однос кон него го посочи и тоа дека бил понижуван со негово фотографирање во затворот во Шутка и во судница со лисици на рацете.

Поранешниот директор на БЈБ кажа дека обвинетите имале различен третман, а не го заборави ниту Законот за амнестија кој, како што кажа, бил изгласан речиси со консензус и на власта и на опозицијата. Нарекувајќи го овој закон „врвен аргумент за политичка контаминација на правосудството”, Чавков ја спомена амнестијата и во насока на тоа што со неа било постигнато и гласањето за уставните измени.

Во однос на истрагата за 27 април тој кажа оти кога бил повикан во обвинителството не му биле презентирани факти и докази.

– Јас дадов исказ, но тоа се сведе на исповед бидејќи не ми беа презентирани докази – рече Чавков.

Со ниту еден доказ, посочи тој, обвинителството не докажало директна умисла и сакање за да се изврши кривичното дело. Во настаните околу 27 април тој тврди дека имал проактивна улога, а не бил пасивен. Меѓутоа, како што рече, полицијата има гломазна организација која ја сочинуваат над 250 единици, оддели, одделенија… Меѓу нив се и осумте Сектори за внатрешни работи кои, според Чавков, се непосредно одговорни за безбедноста согласно територијата за која се надлежни. Тој како директор на БЈБ и носител на златна команда, рече, не може да биде одговорен за изведбата на полициската операција на лице место.

– Надлежностите на златната команда се стратешки и златната команда не се меша во носењето на тактичките одлуки на лице место – рече Чавков.

Завршните зборови кој тој ги изнесува повеќе од еден час се уште се во тек.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...