Француските државни служби заробиле млада црна пантерка која шетала по покривите во едно северно француско градче, јавува BBC.
Жителите на градчето вчера забележале како црна пантерка шета по покривите на куќите и како излегува и влегува низ еден отворен прозорец.
Повикале полиција која заедно со ветеринарната служба тивко влегле во зградата за да не ја вознемират големата мачка. Ветеринар успеал со стреличка да ја успие пантерката.
– Црната пантерка, која тежела околу 20 килограми и која имала околу пет или шест месеци, била голема колку мал лабрадор – рекол Кадер Лагоат од Здружението за заштита на животните.
– Сопственикот ја припитомил и таа не била агресивна. Имала скратени нокти и била во добра здравствена состојба – додал тој.
Пред да ја фатат службите, пантерката влегла во стан на едно семејство, чија 15-годишна ќерка била дома. Кога видела дека пантерката влегла во собата, веднаш преплашена избегала од станот.
Пантерката е сместена во Здружението за заштита на животни, а полицијата е во потрага по нејзиниот сопственик за да утврди како воопшто дошол до такво животно и во какви услови била чувана. Колку што и е познато на полицијата, само Зоолошка градина може да добие дозвола за држење и грижа на такво животно.